Народната банка ја влоши прогнозата – очекува пад на БДП од 4,9 отсто


Народната банка ја ревидираше прогнозата за раст на Домашниот бруто – производ за оваа година на минус 4,9 отсто, што е влошување за цели 1,4 процентни поени во однос на априлската проекција кога предвидуваше пад на БДП од 3,5 отсто.

Ова го соопшти денес на прес конференција гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, на која ги презентираше на најновите макрокоеномски проекции за оваа и за наредните години.

Поради ефектот од вториот бран на ковид-кризата и влошувањето на надворешната побарувачка за домашни производи кај нашите главни надворешно трговски партнери кои исто така се соочуваат со продолжување на кризата, се очекува и поспоро закрепнување на македонската економија во наредната година.

Така, како што објасни гувернерката Ангеловска Бежоска, во 2021 година растот на БДП ќе биде 3,9 отсто, во 2022 година ќе изнесува 3,6 отсто, а во 2023 година се очекува раст на БДП од 4 отсто.

„Ова значи дека економијата ќе се врати на предкризното ниво во 2022 година“, рече Ангеловска Бежоска.

Годинава се очекува пад кај сите компоненти што го сочинуваат домашниот бруто-производ, освен кај јавната потрошувачка, како резултат на нејзиното зголемување како одговор на корона кризата.

Најголем пад ќе има кај бруто инвестициите од 13 отсто, а кај личната потрошувачка 4 отсто. Извозот ќе биде помал за 11,7 отсто.

„Се наоѓаме во еден критичен период кога се уште постои висока неизвесност и каде што променливоста и неизвесноста се уште се високи. Оттаму будното следење е неопходно. Продолжуваме во оваа насока и во согласност со сите најнови макроекономски показатели ќе правивме соодветни прилагодувања доколку оцениме дека е тоа потребно и на монетарната политика која што во целиот овој период се труди да дава максимална поддршка во рамки на својот мандат за закрепнување на реалниот сектор“, истакна гувернерката Ангеловска Бежоска. (М.Ј.)