Народна банка: Вкупниот број плаќања лани поголем за 11,7 отсто, најголем пораст кај платежните картички
Граѓаните и компаниите сè повеќе од плаќањата во земјата ги вршат со посредство на банките преку користење на кредитните трансфери и платежните картички, констатира денес Советот на Народната банка на редовната седница на која ја разгледа Годишната информација за плаќањата во 2019 година, соопшти НБМ.
Вкупниот број плаќања извршени минатата година забележа годишен раст од 11,7 отсто, при што е забележан поизразен раст на користењето на платежните картички, со што нивното учество во вкупните плаќања се зголеми и се изедначи со учеството на плаќањата преку кредитни трансфери. Во однос на кредитните трансфери, во рамки на Годишната информација нагласено е дека електронските кредитни трансфери растат засилено во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија. При годишен раст од 5,2 отсто на вкупните кредитни трансфери минатата година, електронски иницираните кредитни трансфери растеа побрзо со стапка од 6,2 отсто во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто се зголемија за 4,4 отсто, соопштија од Народната банка.
Според платежната статистика за минатата година, плаќањата со картички стануваат сè поприсутни во секојдневното купување на производи и услуги. Податоците покажуваат дека продолжува интензивниот раст на плаќањата во трговијата со платежни картички и на годишна основа во 2019 година изнесува 20,7 отсто. Воедно, се зголемува и бројот на трансакции на физичките места на продажба со 20,4 отсто, но уште посилно растат плаќањата со картички на интернет со 29 отсо, на годишна основа. Притоа, процентот на население во земјата кое купува преку интернет се зголемува постојано и минатата година достигна 29 отсо од населението кое користело интернет.