Напнато во битолската ЛДП: Да се оди со ВМРО-ДПМНЕ или не?
Во општинската организација бурно реагирале на идејата ЛДП да влезе во коалиција со владејачката партија
БИТОЛА – Битолската организација на Либерално-демократската партија (ЛДП) ја отворила дебатата дали да ѝ сврти грб на СДСМ и да се здружи со ВМРО-ДПМНЕ. Членови на ЛДП од Битола велат дека понудата била целосно политички непринципиелна, затоа што лидерката на партијата, Моника Зајкова, уште се гледа на билбордите со Димитар Ковачевски како коалиција со СДСМ.
Пред два дена на состанокот на ОО на ЛДП во Битола, претседателот Димитар Кузмановски пред триесеттина членови го отворил прашањето дали ЛДП треба да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, на што наишол на бурни реакции на поголем дел од присутните членови, иако имало и неколкумина поддржувачи, велат наши соговорници.
На дневен ред пред либералдемократите било прашањето – Понатамошно делување на ЛДП на политичката сцена?
Владе Атанасовски, поранешен секретар на ОО на ЛДП Битола и долгогодишен член на Централниот Одбор на ЛДП за „Независен“ вели дека претседателот на општинската организација, Кузмановски образложил пред присутните дека во комуникација со претседателката Моника Зајкова имале преговори со владејачката ВМРО-ДПМНЕ за коалиција и дека во тек е прецизирање на постапката. Но, како што вели Атанасовски, грото од членовите остро се спротивставиле на помислата, а не пак на можната коалиција. Според него, општинските организации не се надлежни да дискутираат за тоа прашање, туку тоа е одлука на Конгресот.
И ветераните на ЛДП реагирале на ваквата промена на политиките на партијата, велејќи дека личните интереси не смеат да бидат над идеолошките.
„Партијата ни се распаѓа, ако некој ѝ мисли арно на партијата, претседателката Моника Зајкова и раководството под итно треба да си дадат оставка. Претседателката нема мандат да преговара и коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, таа настапи со програма на која гласаа сите делегати на конгресот, а таму немаше коалиција со сегашната партија на власт. Затоа сега нека свика конгрес, нека настапи со програма дека ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, па делегатите нека се изјаснат“, реагира Атанасовски.
„Само се прашувам како Зајкова ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ кога уште не ги тргнала билбордите низ Скопје сликана со Димитар Ковачевски? Нека дојде во Битола и сама нека го соопшти предлогот“, повикува Атанасовски, поранешен директор на ЈП „Пазари“ Битола и долгогодишен член на Централниот одбор на ЛДП.
Атанасовски вели дека наводното коалицирање на ЛДП со ВМРО-ДПМНЕ било прикажано „како од полза за партијата“, со тоа што владејачката партија наводно ветувала раководни места за членови на ЛДП во училиште или градинка во Битола.
Претседателот на ОО на ЛДП во Битола, Димитар Кузмановски за „Независен“ вели дека на состанокот јасно било кажано дека ЛДП во моментот е самостоен политички субјект кој работи на промовирање на своите програмски определби.
„ЛДП остварува средби со сите политички партии, но тоа не значи дека е во преговори со некоја партија за евентуална коалиција. Јасно и гласно беше потенцирано дека до ден денес во ЛДП нема разговори за приклучување кон некоја коалиција, а доколку дојде до тоа секако ќе се дискутира пред органите на партијата, вклучувајќи ја и ОО на ЛДП Битола“, вели Кузмановски.
Што се однесува до „калкулациите“ што ќе добие ОО на ЛДП во Битола ако коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Кузмановски вели дека „во ниеден момент не се спомна за училиште и градинка во никаков контекст. ЛДП Битола е голема партија за некој да може да ја придобие со училиште или градинка, нам пред сѐ ни е битно да се подобри животот на граѓаните преку проекти, закони и програма“, изјави Кузмановски.
ЛДП беше во коалиција со СДСМ и опозиција за време на владеењето на Никола Груевски и беше на власт со СДСМ во изминатите седум години.