Напнат ден во Љуботен – Со хермелини одземени 12 тони тутун


Вчерашниот ден беше напнат за жителите на Љуботен. Беа разбудени од полицијата во утринските часови, а потоа вознемирени поради начинот на постапувањето на специјалците, кои со маски и автоматски пушки, во 5 часот наутро, без предупредување, влегоа во нивните куќи. Причината беше тутунот што го обработуваат.


Целото село до 13 часот беше блокирано од страна на жителите бидејќи не дозволуваа да им се одземе тутунот, а имаше голем број возила од специјалната единица, но и хермелини.


Граѓаните што беа собрани на патот револтирано истакнаа дека не е логично со сите овие сили да се бара тутун. За малку беше избегнат и физички инцидент кога полицијата веќе привршуваше со акцијата и се подготвуваше да си замине со четири камиони кои беа полни со тутун.
По спроведената акција, од Управата за финансиска полиција наведоа дека се одземени 12 тони тутун од жителите на Љуботен. Директорот Арафат Муареми изјави дека за две години буџетот на државата е оштетен за 7,5 милиони евра бидејќи не бил плаќан данок за стоката. Муареми рече дека од Љуботен биле одземени и машини со кои се преработувал тутунот. Нема уапсени лица бидејќи истрагата не е против физичките лица туку цел се четири правни лица кои нелегално го увезувале тутунот.
„Во текот на 2018 и 2019 година дејствувале повеќе правни субјекти кои вршеле увоз на тутун од соседните земји Албанија, Србија, Грција и Бугарија, а потоа тутунот на црно се дистрибуирал и се продавал на повеќе физички лица. Од наша страна постоеше сомневање дека физичките лица нелегално поседуваат машини со кои го преработувале тутунот, а потоа тој се продавал без акцизна бандерола на црниот пазар. Продажбата не се евидентирала никаде, а производителите и продавачите не плаќале данок“, истакна Муареми.


Алил Реџепи, кому му беа одземени машина за режење и тутун, вели дека кога припадниците на специјалната единица влегле во неговиот дом, без да тропнат, ја скршиле вратата и ги исплашиле децата. Ова, според него, не е во ред и не било човечки.
„Дојдоа околу 5 часот наутро, ја скршија вратата, влегоа внатре со автомати. Веднаш ми го зедоа телефонот и ме легнаа на земја, брат ми, татко ми, сите… Правеа многу проблеми, ми го зедоа сиот тутун кој го работиме една година со децата. Не знам колку килограми ми зедоа. Но, она што една година го работевме 10 души, сето ни го зедоа. Тутунот не е прекупуван од никаде, овој е љуботенски тутун. Со ова сакаат да не работиме, да се отселиме оттука, да одиме во Европа“, вели Реџепи.
Еден жител вели дека целото село зависи од тутунот и дека тоа им е единствена егзистенција и со пот се обидуваат да ги нахранат своите деца бидејќи немаат друго чаре.


„Ние го работиме тутунот заедно со децата, со 5-годишно дете рано сабајле одиме на нива, од март садевме расад. Додека го собереме и го обработиме, ќе помине една година, за еден денар, за да останеме живи. Не сме вработени никаде, ни во државните институции ни на некое друго место, а не сакаме да стоиме во прашина“, вели еден од жителите.
„Никој не е известен, како можат да дојдат така, да влезат дома, да плашат деца? Ова е срам за државата“, вели друг жител.
Во една куќа полицијата влегла по грешка. Се работи за куќата на Сулејман Зендели. Како што вели тој, во 5:30 часот, со нога ја отвориле вратата и веднаш му ставиле лисици на неговиот син Раметула Зендели, па го ослободиле откако сфатиле дека по грешка влегле во неговиот дом. Полицајците истакнаа дека Раметула, кога ги видел сакал, да избега и затоа му ставиле лисици. Но Раметула вели дека сакал да се врати во куќата за да ги смири сопругата и децата, за да не се плашат, а полицијата немала разбирање и го легнала на земја.


Сулејман Зендели и неговиот син велат дека ќе бараат обесштетување за вознемирување од страна на полицијата и дека луѓето што живеат тука не се тие што ги бараат. Зендели вели дека иако не бил на списокот за претрес, а полицијата го искористила метежот, па бесправно влегува да претресува.
По акцијата се огласи и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски.
,,Јас како градоначалник не сум запознаен дека во Љуботен се шверцувало тутун. Тука луѓето живеат од одгледување тутун и бостан. Побарав од полицијата, сето она што е запленето, а не станува збор за шверц, да им биде вратено на луѓето“, вели Смилевски.

Груби и Османи во клинч за Љуботен
Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, побара одговори од финансиската полиција обвинувајќи за демонстрација на сила.
„Финансиската полиција треба да објасни и да оправда врз основа на која проценка имаше потреба од толку големо и сериозно присуство на полицијата во Љуботен. Спектаклите и демонстрацијата на сила се често непотребни и контраефективни, дури и во случаи кога постои сомнеж за злоупотреба која треба да се санкционира пропорционално доколку се утврди“, истакна тој.
Членот на СДСМ и координатор за меѓуетнички односи за Куманово, Хади Османи, му одговори со порака дека тој нема морално право да реагира во врска со случувањата во Љуботен.
„Aртан Груби, ти немаш морално право да реагираш во врска со денешните случувања во село Љуботен. Додека ти беше во коалиција со Груевски и Јанкуловска, Албанците се убиваа во полициски акции. Со таква реакција можеш да излезеш само кога ќе дадеш оставка од позицијата пратеник на владејачката партија. Додека си миленик на сите власти, немаш право да играш со емоциите на жителите на Љуботен. Јас ќе зборувам со надлежните и гарантирам дека ако имало какви било пречекоруваа на надлежностите дека ќе има одговорност за тоа. Што помалку реагираш, тоа подобро за жителите на Љуботен“, пишува Хади Османи од СДСМ.
За акцијата на Финансиска полиција реагираа и од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците.
„Правото на живот е дадено од Бога и негирано од Владата, ова е моменталната ситуација во селото Љуботен. Неприфатлива е реакцијата на воените полициски сили во селото Љуботен негирајќи го правото на живот. Ова е слично со мерките по Втората светска војна насочени кон раселување на Албанците од своите земји“, се вели во реакцијата на Алијансата за Албанците.

Арменд Мурсели