Напаѓачот на Салман Ружди прогласен за виновен за обид за убиство во 2022 година

Хади Матар, Американец со либанско потекло, кој пораснал во САД, беше прогласен за виновен за две злосторства за кои беше обвинет пред судот во Мејвил, во близина на канадската граница – обид за убиство и агресија, изјави портпаролот на судот за АФП.
Хади Матар, се изјаснуваше за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад за, како што го нарече обвинителот, „однапред планирано“ кривично дело. Во интервју од затворот за „Њујорк пост“, Матар рече дека не го сакал Ружди и го величал Хомеини. Иран негираше вмешност во нападот. За овие злосторства би можел да добие 25, односно седум години затвор.
На 12 август 2022 година тој го избоде авторот на „Сатански стихови“ во напад во кој американско-британскиот писател го загуби видот на десното око.
Ружди (77 ) со години се соочуваше со смртни закани поради неговата книга „Сатански стихови“ од 1988, чија содржина некои муслимани ја сметаат за богохулна.Во интервју за „Њујоркер“, во 2023 година, писателот вели дека му е драго што луѓето му дале толку голема поддршка.
„Немав поим дека луѓето ќе реагираат вака на обидот за убиство врз мене. Јас сум навистина среќен човек и многу сум благодарен за сѐ. Овие големи повреди се излечија, почнувам да ги чувствувам палецот и показалецот и долниот дел од раката. Напорно работам на терапија за мојата рака и ми рекоа дека ми е подобро. Тука е само овој проблем со посттрауматскиот стрес. Многу ми е тешко да работам и да пишувам поради тоа. Седнувам и почнувам да пишувам, но ништо не се случува. Пишувам, но сѐ што пишувам е празно или лошо. Пишувам и го бришам тоа следниот ден. Сè уште не сум го решил тој проблем“, вели тој.