Напаѓачот на Арсовска доби две години затвор


Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска (Фото: Б. Грданоски)

Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Како што потврдија од судот, во изречената казна ќе се засмета и времето кое обвинетиот го поминал во притвор.

Случајот се однесува на инцидентот од 11 јули 2025 година, кога Арсовска била на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба. Според обвинението, Јамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката физички и вербално, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани.

Во текот на судскиот процес, обвинетиот тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва на настанот, и дека бил нападнат од Арсовска. Тој изјави дека само се обидувал да го тргне нејзиниот телефон за да спречи неовластено снимање, и дека бил удрен со нога од страна на оштетената.

Во сведочењето, пак, градоначалничката го опиша настанот како „агресивен и опасен“, при што таа се чувствувала „загрозено, несигурно и исплашено“. Според неа, нападот траел над 40 минути, а интервенцијата на полицијата била неопходна.

Судењето го водеше судијката Билјана Коцевска, а застапник на обвинението беше обвинителот Александар Давчевски.

„Судот денес го огласи за виновен за сторено кривично дело – насилство и му изрече казна затвор во траење од 2 (две) години, на насилникот Сулејман Љамалари за физички и вербален напад, нанесување телесни повреди и упатување сериозни закани. Продолжена му е и мерката притвор. Ова е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка, за напад кој претставуваше и атак врз институцијата градоначалник“, објави Арсовска на својот фејсбук профил и додаде: 

Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник да се претстави дека бил тепан од жена“.