Нападнати инспектори од Град Скопје, Арсовска објави фотографија од напаѓачите
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави дека МВР не постапува по пријава за напад на инспектори кои работат во градската администрација. Според градоначалничката, напаѓачите се уште се на слобода. Оттаму таа побара од граѓаните на Скопје да го пријават настанот.
„Добар ден Министерство за внатрешни работи, би сакале да Ве информираме дека лицата кои пред извесно време им нанесоа тешки телесни повреди на инспекторите од град Скопје поради кои нашите вработени завршија во Ургентен центар, лицата кои извршија насилие со физички напад со метални шипки бидејќи беа фатени за креирање депонија и нејзино палење на улица Скупи, сè уште се на слобода.
Истата банда која повеќе пати е затекната во вршење на дела со кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, си продолжуваат со своите активности континуирано дополнети со насилство и закани. Било кој друг да е фатен за истиве дела до сега експресно ќе беше изведен пред лицето на правдата и со судска пресуда казнет за тоа што не труе секој ден.
Бидејќи по официјални пријави не се постапува, ги повикувам сите скопјани да го пријават настанот и да побараме правда“, стои во објавата на социјалните мрежи на Арсовска.
Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни во вредност од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, соопштија неодамна од Одделението за односи со јавноста при Град Скопје.