Намибија преку оглас продава 170 заштитени диви слонови

Властите во Намибија објавија продажба на 170 заштитени диви слонови, поради сушата и зголемувањето на нивниот број. Огласот го објави Министерството за животна средина, шумарство и туризам.

Во објавата на државниот дневен весник „Нова ера“ се наведува дека причина за тоа е зголемениот број несреќи како резултат на средби меѓу луѓе и слонови. Овие слонови, инаку, сѐ уште се изложени на ризик од истребување поради ловокрадството и факторите на животната средина.

Министерството објави дека слоновите ќе можат да ги купуваат луѓе од земјата и странство кои исполнуваат строги критериуми, поврзани, на пр. со местата каде што ќе бидат сместени слоновите. А, странските купувачи ќе треба да дадат доказ дека властите во нивната земја дозволуваат увоз на слонови.

Како и неколку други африкански земји, Намибија се обидува да одржи рамнотежа кај заштитните видови како што се слоновите и носорозите, додека истовремено се обидува да ја намали опасноста што ја претставуваат овие животни за живеалиштата на луѓето.

Намибиските власти продадоа и сто биволи во октомври, додека лани беа продадени илјада животни од националните паркови, кога земјата се соочи со најлошата суша последниве сто години. Официјалните податоци покажуваат дека од 1995 до 2019 година, бројот на слонови во Намибија се зголемил од околу 7.500 на 24.000 единки.