Наместо професионални актери, жени болни од рак ќе глумат во претстава
Приватниот „Интимен театар“ од Битола ја подготвува претставата „Жени“ во која наместо професионални актери, ќе играат битолчанки болни од рак на дојка. Мотивот на режисерката Софија Ристевска за еден ваков исклучително сензибилен театарски продукт е сè поголемиот број жени кои се соочуваат со оваа тешка болест, а во Битола има речиси епидемиски размери затоа што секоја недела се регистрира по една новозаболена жена од рак на дојка. Целта на овој проект е да се слушнат нивните приказни, да се подигне јавната свест и да им се помогне во битката што секојдневно ја водат со болеста.
-Шест жени болни од рак на дојка прифатија да работат со мене во една документарна театарска претстава. Тоа се жени на возраст од триесетина до 70 години. Имавме и уште една, но таа ја изгуби битката со ракот. Тие ќе зборуваат за својата болест, како се бореле или се борат. Ова е еден комбиниран, интердисциплинарен проект затоа што психоанализата ја поврзуваме со театарот, со уметноста. Да направиме театарски продукт кој малку ќе им ја олесни психата на овие жени, бидејќи тие живеат со стравот дека можеби утре ќе умрат, вели Софија Ристевска, режисер и сопственик на „Интимен театар“.
Ристевска вели дека процесот е тежок и се одвива бавно, затоа што станува збор за жени што никогаш не биле на театарската сцена.
-Се работи за една сложена проблематика и за луѓе што не се актери. Продуктот што ќе го добиеме сметам дека ќе биде исклучително важен за нашето општество, затоа што оваа болест е погубна и е насекаде околу нас. Гледам како овие жени се борат и финансиски и психолошки со болеста. Но, мислам дека битката треба да се води од сите аспекти, вели режисерката Ристевска.
Од годишната програма на Министерството за култура за овој проект на „Интимен театар“ не беа одобрени средства, но режисерката очекува поддршка од битолската локална самоуправа и бизнис-заедницата.
– Парите ги бараме затоа што ние имаме простор, имаме логистика за реализација на претставата, но сметам дека овие жени заслужуваат хонорар за своето учество. Тие не го учат текстот од ливче или од автор, па потоа едноставно да го репродуцираат и со тоа да заврши нивната работа. Начинот на кој го пишувавме текстот е многу комплициран, затоа што тие ги кажуваат своите приказни, драматургот ги комбинира текстовите и повторно им ги враќаме ним. Исклучително е комплексна и посебна оваа работа, а можеби претставата оди бавно токму затоа што јас како режисер учам нови техники на работа, вели Ристевска.
Битолскиот „Интимен театар“ е ангажиран театар кој зборува за проблемите од личен и социјално-општествен карактер на локалното население, со посебна поддршка на жената. Постои речиси 9 години, со исто толку поставени претстави на сцена, а премиерата на најновата „Жени“, која на својот грб комплетно ќе ја понесат битолчанки болни од рак, се очекува во септември.
Емилија Мисирлиевски