Наместо најавеното обраќање на Мета, прес-конференција на неговиот правен советник


Иако беше најавено обраќање на албанскиот претседател Илир Мета во 17 часот во неговата резиденција, во тој термин прес-конференција одржаа советникот за правни прашања Бесник Дервишај и шефот на кабинет Теди Блуши.

Дервишај истакна дека дебатата која денеска се водеше во Парламентот преполна со обвинувања и навреди не е во прилог на решавање на кризата или социјалниот мир во земјата.

Тој додаде дека одлуката на претседателот Илир Мета за одложување на изборите е целосно согласно Уставот и никој не може да ја испита нејзината уставност освен Уставниот суд.

– Уредбата за одложување на изборите е донесена согласно уставните надлежности на Претседателот и овој негов чекор е преземен единствено во интерес на граѓаните и на Албанија, за да се избегне евентуален граѓански конфликт, изјави Дервишај.

Правниот советник нагласи дека секој политички или друг субјект кој смета дека претседателот делувал спротивно на Уставот може да бара испитување на уставноста.

Според него, уредбата за одложување на изборите веќе е објавена во Службен весник и Централната изборна комисија (ЦИК) е должна да ја почитува.

– ЦИК е должна да ја спроведе уредбата со која се поништува датумот на изборите 30 јуни. Актуелната локална власт, градоначалниците, Советите и нивните претседатели остануваат на должност се до новите избори за што шефот на државата наскоро ќе соопшти нов датум, по консултации со политичките партии. Во процес на консултации сме и секој од страните треба да покаже одмереност и да се вклучи во дијалогот, рече Дервишај.

На прашањето дали владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама потврдила дека ќе оди кај претседателот на разговор, тој не даде прецизен одговор.

Претходно албанскиот Парламент со 100 гласови „за“, седум против и два воздржани ја усвои резолуцијата со која ја отфрла уредбата на претседателот Мета за одложување на изборите, како чин со кој го крши Уставот. Усвојувањето на овој документ се оценува како прв чекор за разрешување на шефот на државата.