Наместо ЈПДП, обврските за кредитот за автопатот Кичево – Охрид ги платила државата, констатира ДЗР

Државна гаранција била активирана и за автопатот Миладиновци - Штип. Вкупните обврски на ЈПДП на крајот на 2022 година кон Министерство за финансии по овој основ биле 76,8 милионони евра, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија


Фото: Б. Грданоски

За отплата на обврските по заемот за изградба на автопатот Кичево – Охрид и на Миладиновци – Штип била активирана државна гаранција бидејќи Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не било во можност да ги сервисира финансиските обврски, па тие биле подмирени од Министерство за финансии во име на Република Северна Македонија како гарант. И двата заеми беа склучени меѓу ЈПДП и банка од НР Кина. Вкупните обврски на ЈПДП на крајот на 2022 година кон Министерство за финансии по овој основ биле 4.723.242.000 денари, или околу 76,8 милионони евра. Ова го констатираа Државните ревизори во денес објавениот конечен извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2022 година на Јавното претпријатие за државни патишта.

Во извештајот покрај наодот за активираната државна гаранција има и многу други информации за работењето на ЈПДП, при што се констатираат бројни неправилности што беше причина Државниот завод за ревизија да изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Ревизорите, меѓу другото констатирале и дека ЈПДП во 2022 година неправилно ја утврдило даночната основа и за 27.525.000 денари бил помалку пресметан и уплатен данок на добивка во Буџетот на Република Северна Македонија.

Во резимето на извештајот се вели и дека недостасува системски и аналитичен пристап и има недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикува зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците; несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на материјалните средства во подготовка, поради што истите не се прикажани како градежни објекти; неправилно определување на набавната вредност на државните патишта како основа за пресметка на амортизација; не е донесена петгодишна програма за извршување на работите од јавен интерес поради што не се создадени услови за долгорочно управување со развојот и одржувањето на државните патишта; привремено ангажирање на поголем број работници и над максималниот период за кој привремен работник може да биде ангажиран, поради необезбедени согласности за финансиски средства од надлежното министерство и тн.

Некои од најинтересните делови во извештајот се однесуваат на автопатот Кичево – Охрид ( во извшетајот на ДЗР посветено е посебно поглавје насловено „ Клучни ревизорски прашања“, при што меѓу другото се вели дека на крајот на 2022 година, вкупните инвестиции во делницата изнесувале 31.597.364.000 денари (приближно 512 милиони евра), а истите до ноември 2023 година достигнале 35.490.802.000 денари (приближно 575 милиони евра).

„До крајот на 2022 година, реализацијата на изградбата на патната делница Кичево – Охрид согласно доставените времени ситуации, изнесува 66% од вкупната вредност на склучениот договор или (397 милиони евра), а овој податок заклучно со завршените работи во август 2023 година изнесува 72% (429 милиони евра)“, се вели во извештајот на ДЗР.

Притоа се додава дека при реализација на договорот за изградба, направени се 42 варијации кои што произлегуваат од измени и дополнувања на Основниот проект поради појавени непредвидени и дополнителни работи и истите предизвикале зголемување на вредноста на основниот договор за 45% (187 милиони евра) и пролонгирање на временскиот рок за изградба на патната делница.

„Промената на проектната документација произлегува од недоследности во истата: усогласување на проектната документација со реалните услови на терен; препроектирање на постоечка документација за тунел, усеци, вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, надпатници и подпатници; изработка на нови проектни решенија за стабилизација и заштита на косините на усеците и санација на свлечишта на целата траса од патната делница; изработка на проектна документација за 9 патни јазли и нови алтернативни патишта и подпатници за поврзување на населените места кои не биле предвидени со основниот проект и дополнителни геотехнички истражни работи поради променлива геологија на терен која не одговара на геологијата предвидена со проектите“, се наведува во извештајот.

И ревизорите констаираат дека до денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на додатни финансиски средства.

Од спроведениот теренски увид, направените снимања со дрон и доставените извештаи од надзорниот орган, утврдивме дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба. На втора делница тунелот Пресека завршена е конструкцијата (примарна и секундарна), во моментот се работи на инсталирање на електрика и вентилација во тунелот.

Ревизорите исто така наведуваат дека во извештаите како основни причини за забавената динамика за изградба на делницата, покрај недостатоците на проектот се наведуваат: задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, како и дополнителна експропријација на земјиштето поради појавена потреба од ублажување на косините на усеците; потреба од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти (далекуводи, електро-преносни и комуникациски водови, водоводни и канализациони инсталации), како и индивидуални станбени и стопански објекти кои се совпаѓаат со трасата на делницата; одобрување на нови одлагалишта на земја, поради очекуван зголемен ископ во усеците и засеците при ублажување на косините кои се нестабилни и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

Поради тоа, како што се посочува, имајќи ја во предвид обемноста и значајноста на проектот патна делница Кичево – Охрид, потребен е поаналитички пристап при планирањето на проектите, поголема подготвеност при започнување и реализација на делници со голема должина, системски пристап и навремено обезбедување на потребната документација за започнување и реализација на проектот.

„Исто така набројаните недостатоците за проектната документација, нерешените експропријации на земјиштето, како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва. Напоменуваме дека при донесувањето на идните одлуки и преземањето на натамошни активности поврзани со делницата, потребно е да бидат земени во предвид постигнатиот степен на изградба на делницата, нејзината должина и значајната местоположба, вложените финансиски средства, но и последиците во случај на раскинување на договорот и искористување на можноста од правна заштита“, се вели во извештајот. Инаку, како што се вели во извештајот на ДЗР, вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари, при што во договорот за изградба предвидено е финансирањето на проектот во најголем дел или 90% да биде со заем, додека 10% од сопствени средства на ЈП за државни патишта.

Со извршените анализи на документите од деловните книги на претпријатието, укажувањата добиени од надзорниот орган на проектот, како и спроведениот теренски увид, ревизорите утврдиле дека во периодот од мај 2018 година до декември 2021 година донесени се пет измени на основниот договор за изградба на патната делница, при што биле склучени анекси кон договорот. Со анексите, пролонгиран е крајниот рок за завршување на изградбата за шест години, односно определено е изградбата да заврши до декември 2023 година, а за изведување на дополнителните и непредвидени работи, зголемена е вредноста на основниот договор за 187 милиони евра, поради што вредноста на изградбата на патната делницата изнесува вкупно 598 милиони евра.

„На таков начин договорената цена на чинење на еден километар патна делница од 7,3 милиони евра, била зголемена за 44% и изнесува 10,5 милиони евра“, се вели во извештајот.

Државните ревизори се осврнуваат и на повеќе прашања „за неизвесност и континуитет“, при што се посочува дека обврските по долгорочните заеми на 01.01.2022 година изнесувале 48.727.448.000 денари, односно 792 милиони евра, а на крајот на 2022 година биле евидентирани долгорочни заеми во вкупен износ од 52.119.897.000 денари односно 803 милиони евра.

Во текот на 2022 година ЈП има повлечено средства од заеми во вкупен износ од 5.387.082.000 денари од кои најголем дел во вкупен износ од 2.905.139.000 денари односно 54% од вкупните повлекување се од банка на НР Кина за реализација на проектот за изградба на автопат – делница Кичево – Охрид.

Во овој дел се обработени и судските постапки кои што ги води ЈПДП, а нотиран е и проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), врз основа на кој го именувала Bechtel and Enka JV за Стратешкиот партнер, а ЈП за државни патишта за Инвеститор при изградба на коридорите.

Имајќи ја во предвид значајноста на инфраструктурниот проект, сметаме за потребно да истакнеме дека, во периодот кој следи ЈП за државни патишта во улога на Инвеститор ќе има континуирани градежни активности со значителни финансиски импликации. Овој инфраструктурен проект е дел од ревизијата на успешност која се спроведува согласно Годишната програма на Државниот завод за ревизија за 2023 година на тема „Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку буџетот на РСМ, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централна власт и локалната самоуправа‘‘ и подетални состојби за истиот ќе бидат обелоденети во тој извештај“, се вели во извештајот.