Намалувањето на бројот на советниците во општините, според ДУИ, е за да се намали бројот на албанските


Демократската унија за интеграција изразува „длабоката индигнација“ за, според нив,  намерното и неоправдано молчење на Владата во врска со антиуставната и незаконска одлука што ги дискриминира општините со мнозинско албанско население и ја исклучува дијаспората од официјалното пресметување на бројот на населението.

„Поминаа неколку дена откако беше јавно обелоденето намалувањето на бројот на советници во повеќе од 20 општини, во кои практично е избришана дијаспората, а Владата сè уште нема дадено никакво објаснување, никакво извинување, ниту пак знак за поправка. Нивното молчење е јасен доказ дека институционалната дискриминација се случува со целосна намера и со благослов од Владата.

Денес, јавноста знае дека оваа одлука е донесена во септември 2024 година, со која еднострано и неправедно е исклучена дијаспората – главно албанската дијаспора – при што процентот на Албанците е вештачки намален од 29,5% на 24,3%. Оваа изманипулирана бројка не го претставува реалниот демографски состав. Таа служи како алатка за деформирање на застапеноста на Албанците во локалните институции, за да нè направат помалку видливи, помалку важни и помалку застапени.

Уставниот суд веќе утврди дека оваа одлука е спротивна на Уставот. Сепак, Владата продолжува да молчи, а албанските претставници во Владата, кои наводно се таму да ги застапуваат нашите интереси, молчат ревносно, тивко и понизно. Да бидеме јасни: овие миленици на премиерот не се таму за да ги бранат граѓаните, туку за да го нормализираат понижувањето, да ја амортизираат неправдата, да го замолчат албанското мнозинство и да ги олеснат наредните дискриминаторски политики. Но, ова нема да помине.

ДУИ нема да молчи и нема да толерира ниту еден обид за казнување на албанските општини и за бришење на дијаспората од институционалната мапа на државата. За ова прашање веќе имаме преземено конкретни чекори.Демократската унија за интеграција останува цврсто посветена, преку сите правни, институционални и демократски инструменти, да ја запира оваа дискриминаторска практика и да обезбеди правична застапеност за секој граѓанин, без исклучок, каде и да живее“, стои во соопштението на ДУИ кои, откако станаа опозиција, гледаат само неправда.