Намалената побарувачка за вакцината против корона ги преполови приходите на „Фајзер“


Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ (Pfizer) во вторникот објави дека го завршил вториот квартал со половина од приходите од истиот период минатата година поради послабата побарувачка за нејзината вакцина и лек за КОВИД-19.

Во периодот од април до јуни, приходите на „Фајзер“ беа половина од истиот период минатата година, и паднаа на 12,73 милијарди долари.

Американскиот фармацевтски гигант издвојува остар пад на вкупните приходи од продажбата на вакцината против коронавирусот Comirnaty, за 83 отсто, на 1,49 милијарди долари. Вкупниот приход од продажбата на Paxlovid падна на 143 милиони долари, што е намалување од 8,1 милијарди долари во вториот квартал од 2022 година.

 „Фајзер“  го затвори кварталот со нето добивка од 2,33 милијарди долари. Во истиот период лани таа изнесуваше 9,91 милијарди долари. Прилагодениот профит беше 3,84 милијарди долари, што е намалено од минатогодишните 11,66 милијарди долари.

Компанијата ги намали трошоците за програми за спречување и лекување на Ковид 19, што се одрази со пад од 5 отсто на инвестициите во истражување и развој.

„И покрај неколкуте краткорочни предизвици поврзани со приходите од поединечни производи, веруваме дека компанијата е добро позиционирана за забрзан раст на производи кои не се од коронавирус во втората половина на 2023 година“, рече главниот финансиски директор Дејвид Дентон.