Намалена буџетската транспарентност – Македонија со пад во меѓународно рангирање за отворени Буџети

Во овој циклус за 2021 година буџетската транспарентност на Северна Македонија е намалена споредено со 2019 година од 41 во 2019 година на 36 во 2021 година


Фото: Б. Грданоски

 

Северна Македонија бележи пад во буџетската транспарентност, покажува истражувањето за отворени Буџети што го спроведе Центарот за економски анализи (ЦЕА) во соработка со International Budget Partnership’s (Меѓународното партнерство за буџети-МПБ) во кое се опфатени 120 земји. Повеќето од нив успеале да го задржат нивото на буџетска транспарентност и надзор како во претходниот 2019 циклус на мерење.
Во овој циклус за 2021 година буџетската транспарентност на Северна Македонија е намалена споредено со 2019 година од 41 во 2019 година на 36 во 2021 година.
„Ова најмногу се должи на ненавременото објавување на Фискалната стратегија (предбуџетска изјава) и на неподготвување на Полугодишен извештај согласно меѓународните стандарди“, се вели во истражувањето спроведено врз основа на сеопфатен прашалник.
Во истражувањето чии резултати се достапни на официјалната интернет страница на ЦЕА, се посочува дека одлуките за националниот Буџет – какви даноци да се наплаќаат, какви јавни услуги да се обезбедат и колкав долг да се превземе – влијаат на благосостојбата на граѓаните.
„Клучно е владите да ја информираат и вклучат јавноста за овие витални одлуки кои влијаат врз нивните животи и на тој начин да се осигура трошењето на јавни средства да биде во име на јавниот интерес“, се нагласува во анализата.
Анкетата за Oтворен буџет (Open Budget Survey- OBS) е единствениот независен, компаративен и врз основа на факти базиран инструмент за истражување кој користи меѓународно прифатени критериуми за проценка на пристапот на јавноста до информациите за Буџетот на централната власт; формални можности јавноста да учествува во процесот на донесување на националниот буџет; и улогата на институциите во надзорот на Буџетот, како што е законодавната власт и ревизијата на буџетскиот процес, посочуваат од ЦЕА.


Истражувањето му помага на граѓанско општество да направи проценка и да ја советува Владата во врска со известувањето кон јавноста и за употребата на јавните средства. Ова осмо издание на OBS опфаќа 120 земји.
Во однос на транспарентноста OBS го мери пристапот на јавноста до информации за тоа како централната власт ги собира и троши јавните ресурси. Тој ја проценува достапноста на интернет, навременоста и сеопфатноста на осум клучни буџетски документи со употреба на 109 еднакво пондерирани индикатори и ја оценува секоја земја на скала од 0 до 100.
Резултатот за транспарентност од 61 или погоре укажува дека една земја веројатно објавува доволно материјал за поддршка на информирана јавна расправа за Буџетот.
Северна Македонија има резултат на транспарентност од 36 (од 100).

Според истражувањето, Северна Македонија ја намали достапноста на буџетските информации преку навремено необјавување на Пред-буџетската изјава.
Во овој дел, меѓу другото се препорачува нашата земја да даде приоритет на навремено подготвување и објавување на Пред-буџетска изјава; вклучување на дополнителни информации за политики, резултати и финансиска позиција на владата во Предлог буџетот; во завршната сметка вклучување на споредба за планираното и реализираното задолжување, за планираните и реализираните нефинансиски резултати и за планираните и реализираните макроекономски показатели; навремено подготвување и објавување на Полугодишниот извештај и тн.
OBS, исто така, ги проценува формалните можности понудени на јавноста за значајно учество во различни фази на буџетскиот процес. Ги испитува практиките на извршната власт, законодавниот дом и врховната институција за ревизија (ДЗР) со употреба на 18 еднакви пондерирани индикатори, усогласени со Глобалната иницијатива за Принципите на фискална транспарентност на учество на јавноста во фискалните политики и ја оценува секоја земја на скала од 0 до 100.
Северна Македонија има оценка 6 (од 100) за учество на јавноста.
Во делот на препораките во овој дел се вели дека за понатамошно зајакнување на учеството на јавноста во буџетскиот процес, Министерството за финансии треба да даде приоритет на Пилот механизми за вклучување на јавноста за време на формулирањето на Буџетот и следење на спроведувањето на Буџетот; активно вклучување на ранливите и недоволно застапените групи, директно или преку граѓанските организации што ги претставуваат, а препораки има и за Собранието, како и за Државниот завод за ревизија.
Во однос на надзорот на Буџетот OBS ја испитува улогата која законодавството и врховните институции за ревизија (ДЗР) ја имаат во буџетскиот процес и степенот до кој тие обезбедуваат надзор при што секоја земја се оценува на скала од 0 до 100 врз основа на 18 еднакво пондерирани индикатори. Покрај тоа, истражувањето собира дополнителни информации за независни фискални институции.
Законодавната власт и врховната ревизорска институција во Северна Македонија, заедно, обезбедуваат ограничен надзор за време на буџетскиот процес, со средна оцена на надзорот -54 (од 100), се вели во извештајот.
Притоа, се вели дека Собранието обезбедува ограничен надзор во текот на фазата на планирање на буџетскиот циклус и слаб надзор во текот на фазата на спроведување. За подобрување на надзорот, треба да се даде приоритет на следниве активности: законодавството треба да расправа за буџетска политика пред да се достави Предлог буџетот и да одобри препораки за претстојниот буџет; Предлогот – буџетот треба да се достави до законодавецот најмалку два месеци пред почетокот на буџетската година; Комисијата за буџет треба да го испитува спроведувањето на буџетот во текот на годината и јавно да ги објавуваат извештаи со нивните наоди…
За зајакнување на независноста и подобрување на надзорот од страна на Државниот завод за ревизија, се препорачуваат следниве активности: ревизорските процеси да бидат разгледани од независна агенција.
Во извештајот ист така се вели дека Македонија нема независна фискална институција.
„Таков тип на институции сѐ повеќе се препознаваат како вредни независни и непартиски даватели на информации до извршната и законодавната власт за време на буџетскиот процес“, се вели во извештајот за буџетската транспарентност.