Најверојатно и на вработените во градинките ќе им биде исплатена цела плата за деновите од штрајкот


На добар пат се СОНК и МТСП да договорат на вработените од градинките кои штрајкуваа да им биде исплатена целосна плата за тие денови, по најавите дека тоа нема да се случи. 

 

По денешната средба на претставници на СОНК во министерството за труд и социјална политика, и министерката Јованка Тренчевска и претседателот на СОНК, Јаким Неделковски изразија уверување дека до четврток или петок конечно ќе потпишат спогодба. 

– Во добар правец оди надминувањето на овој горчлив пробме, за исплата на плати на сите оние коишто беа во штрајк од детските градинки. Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен – рече Неделков.

Додаде дека она што ќе биде договорено во однос на зголемување на плати во образованието ќе важи и за дејноста детска заштита. Она што е договорено и со двата министри е дека и колективните договори ќе бидат изготвени и потпишани во соодветна рамка.

– Имавме одлична конструктивна дискусија со претставниците на ОСНК, социјалниот дијалог продолжува, блиску сме до конечно решение. Денес разговаравме за повеќе понудени предлог-решенија и од страна на МТСП и од страна на СОНК. Дојдовме до приближување на ставовите кон онашто значи решавање на спорот помеѓу СОНК и МТСП. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот и се надевам дека до крајот на оваа недела ќе имаме потпишана спогодба и конечно решение во однос на одлуката за штрајк во предучилишното образование. Верувам дека во четврток, петок ќе го имаме конечното решение коешто е во интерес и на МТСП, и на СОНК, односно вработените во детските градинки, а е во рамки на Законот – рече министерката Тренчевска. 

Вработените во градинките штрајкуваа за зголемување на платите, заедно со колегите вработени во образованието, но во интерес на децата и родителите тие порано го прекинаа штрајкот, а истиот проблем со вработените во образованието се решава со посредник. 

Претседателот на СОНК е отимист дека е можно да се дојде до решение, но, потенцира, доколку тоа не се случи може да има последици на одлуката за прекин или продолжување на штрајкот.

-Па да. Може да има последици, доколку не најдеме заедно прифатливо решение, но еве ќе се надоврзам на кажувањето на министерката навистина се движиме во добар правец и надминување на горчливиот проблем за исплата на плати на сите оние коишто беа во штрајк во детските градинки. Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало се чини да биде сламка на сопнување, од аспект на тоа што има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата. Згора на тоа и преговорите со МОН привршуваат под покровителство на помирувачи. Така што, она што ќе биде договорено во однос на зголемување на плати во дејноста образование ќе важи и за детска заштита и дефинитивно она што е договорено и со еднииот и со другиот министер односно со работните  групи од двете министерства, дека и колективните договрои ќе бидат изработени односно потпишани во соодветна рамка односно термин за којшто веќе сме веќе блиску за утврдување, рече Неделков по средбата.  

Тој е убеден дека разговорите со МОН кои се водат под покровителство на помирувач ќе завршат утре, кога истекува и рокот за завршување на преговорите.

-Денеска еве имаме повторно средба во МОН каде што ќе ги допрецизираме договорените работи коишто треба да произлезе и записник од помирувачот за кој практично треба заедно да се усогласиме и да го усвоиме. Врз основа на тој записник треба да се изготви и спогодба која што ќе ја потпишеме сите инволвирани страни во овој процес, рече претседателот на СОНК.  

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) од 16 часот се очекува да има средба и во Министерството за образование и наука.