Најважно е да бидеме искрени на сцената: Роксана Стојанов, добитничка на „Менада“ за 2025

За балетската уметност потребна е храброст и трпение. Патот до успехот е долг и тежок. Постојат денови кога сме уморни или повредени. Токму затоа, потребно е да имаш љубов кон оваа професија и да ја работиш секојдневно. Најважна е желбата за напредување и да бидеме искрени на сцената, вели во интервју за МИА Роксан Стојанов, балерина со македонско потекло, ѕвезда на Париската опера, која е добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот, на годинaшното 21.издание на Интернационалниот фестивал „Танц Фест“.
Наградата на Стојанов ќе и биде врачена вечерва на сцената на МНТ, кога ќе биде свеченото отварање на овогодинешната програма на фестивалот, со која се одбележуваат 35 години современа танцова сцена кај нас.
– Голема чест ми е што сум добитничка на ова признание. Го доживувам емотивно, затоа што сметам дека ова не е само награда за мојата работа, туку ја поврзувам и со моите почетоци во Македонија. Токму на сцената во Скопје ја играв мојата прва улога на ѕвончица во претставата „Петар Пан“. Многу сум среќна, затоа што наградата ја доживувам како еден вид на „мост“ меѓу моите две татковини, две култури и истата е од особена важност за мене, вели Стојанов.
Врвот на кариерата Стојанов го доживува кога по изведбата на балетот „Пахита“ на сцената на Операта Бастилја, на 28 декември 2024 година, беше прогласена за Ѕвезда на Париската опера. Таа вели дека токму стекнувањето со ова звање е остварување на нејзиниот најголем сон.
– Ова е остварување на мојот најголем сон, што го имав од најрана возраст, кога почнав со балетот, но, никогаш не знаев дали ќе успеам во тоа. Многу сум среќна и горда, но и благодарна на сите оние кои ме поддржаа. Секако, одговорноста е голема, порачува Стојанов .
На прашањето што треба да поседува една уметница за да се стекне со вакво признание, Стојанов е на став дека за да се постигне успех во балетската уметност потребна е храброст и трпение.
– За балетската уметност потребна е храброст и трпение. Патот до успехот е долг и тежок. Постојат денови кога сме уморни или повредени. Токму затоа, потребно е да имаш љубов кон оваа професија и да ја работиш секојдневно. Најважна е желбата за напредување и да бидеме искрени на сцената. Кога сум на сцената, заборавам на сите тешки моменти и знам дека сите предизвици вредат, вели Стојанов.
Тешко е, додава, тоа што со балетската уметност треба да почнеш да се занимаваш од најрана возраст и да работиш на тоа да бидеш професионалец иако уште си дете.
– Сепак мене ова ми е страст и многу сум среќна што можам да сум на балет секој ден. Инаку, кога бев дете наутро одев на училиште, а потоа во текот на денот одев на балет. Исто така, се соочив со потешкотии и кога на 12 години си заминав од дома и се преселивме во Брисел. Тогаш престојував во интернат, а само за викенди се враќав дома. Потоа се запишав на Париската опера, иако е тешко да се биде дел од оваа институција, раскажува Стојанов.
Таа објаснува дека откако го поминала конкурсот и успешно се запишала во Париската опера, се чувствувала како повторно да е на почетокот и одново почнува да се докажува во оваа професија.
– Постојат скалила кои требаше да ги поминам. Имав испити секој ден. Предизвикувачки беше и да се работи во време на ковид, па правевме пауза од балет. Сето ова си носи свои предизвици, но на крајот на денот, тие не прават да сме посилни во она што го работиме. Доколку имаш трпение и имаш одредена цел, резултатот секако дека ќе биде задоволителен, вели Стојанов.
Во однос на нејзините следни планови за иднина, Стојанов сподели дека во моментов работи на балетска претстава во три чина, насловена „Силвија“, каде што таа ќе ја игра главната улога на Силвија, а ќе игра и во улогата на Дајана. Претставата ќе се одигра на 8 мај. Како што најави, во текот на летото заминува на турнеја во Италија, а потоа ќе има неколку претстави во Кина и Јапонија. (МИА)