Најплатените 10 отсто во Македонија земаат плати речиси како во ЕУ, најниско платените 20 отсто – само половината

На Македонија ќе и требаат 100 години за да го стигне нивото на инфраструктурата, социјалната заштита и заштитата на животната средина како во ЕУ


Додека од власта се расфрлаат со тврдења дека Македонија е втора или трета најбрзорастечка економија, дека платите годинава биле многу повисоки од тие во времето на СДСМ, и други параметри што создаваат конфузија во јавноста, анализата каде е Македонија во осум области споредено со другите земји во регионот и со Европската унија дава многу подобра слика за тоа каков стандард живееме, каков воздух дишеме, какво ни е здравството, растат ли социјалните разлики, каде се прелева доходот, дали е квалитетна дигитализацијата и генерално – каков ни е статусот како држава во однос на просекот на ЕУ.

Според податоците до кои дојде ЗМАИ (Здружение за истражување и анализи од Македонија), на нашата држава ќе и требаат три  „стотки“ за да биде на исто ниво со земјите на ЕУ гледано низ просек – 100 години за да ја стигне ЕУ во однос на инфраструктурата, исто толку години за да ја стигне ЕУ во квалитетот на животната средина и 100 години за граѓаните во Македонија да маат социјална заштита како просечната во Европската унија. Освен процентот околу минималната плата, кој ја прави Македонија поблиска до ЕУ во однос на висината, на граѓаните ќе им требаат и дополнителни 100 години за да го достигнат просечниот БДП на земјите членки на ЕУ. 

На презентацијата на извештајот присуствуваа и амбасадорите на ЕУ и на Ирска за Македонија, Михалис Рокас и Брендан Вард кои порачаа дека правењето реформи и усогласувањето на законите со тие на ЕУ ќе го намалат тој јаз, но вискинскиот „game changer“ е членството во Унијата. Амбасадорот Вард дури и го ислустрираше тоа со примери, забележувајќи притоа дека прогнозите за Македонија се многу песимистички и  дека ни треба повеќе оптимизам околу процесот.

Па, кажа дека кога Ирска пред 53 години влегла во ЕУ била насиромашната држава внатре, но станала втора најсиромашна кога влегла Грција, па станала трета најсиромашна кога влегла Португалија и така натаму, за да стане сега една од трите најбогати држави во Унијата. Според него, кога влегла Ирска имала БДП само  од 40 отсто од просекот на ЕУ, додека Македонија во моментов има 39 отсто што, заедно со другите податоци во анализата, ги оцени како објективна слика, но не и за пофалба. Иако не ја спореше прогнозата од 100-те години, тој сметаше дека таквиот напредок зависи од многу фактори и дека не може да се предвиди, правејќи шеговита паралела со вештачката интелигенција, во смисла дека ако се е така како што се предвидува  за десет години нема ни да ни треба усогласување со Европската унија, бидејќи ВИ ќе ги уништи околу 1500, иако пред седум години броеле околу 130.000, бидејќи повеќето се вратиле назад во земјата поради забтрзаниот раст и квалитет на живот.

Владеењето на правото, капацитетот на јавната администрација и борбата со корупцијата тој ги посочи како три прашања од кои многу зависи идниот развој на државата, но како што рече сите тие можат да бидат решени со помош и асистенција на Европската унија. Тој дури и се повика на пресметки на Светската банка и порача дека Македонија може да достигне  пораст на БДП од над 70 отсто од европскиот  до 2050 година, секако ако не се усогласува со ЕУ само со законите, туку и целосно ги примени во практика. 

Дека не сме уникатни со проблемите тој спомена дека Ирска дури пет децении по независноста  била комплетно зависна од Обединетото Кралство и дека првпат се почуствувала еднаква и расправала на иста маса кога станала членка на ЕУ. 

„Можноста Северна Македонија да решава на иста маса со соседните земји  ќе го зголеми нејзиниот статус и можностите  да ги решава споровите на многу пообјективен начин“, препорача Вард.

Амбасадорот Рокас рече дека  без вистинско владеење на правото не може да се случи целосно усогласување на Македонија со ЕУ, бидејќи бизнисите нема да бидат убедени дека доволно се заштитени нивните инвестиции тука. Тој побара земјата да се фокусира на основните барања на ЕУ – јавната администрација и обвинителства што ефикасно ќе ја гонат корупцијата.

„Вистински пресврт ќе биде отворањето на преговорите  за членство“, рече тој оценувајќи дека може да го реформираме законодавството колку што сакаме, но суштинско е враќањето на вербата дека Македонија  е на пат кон ЕУ членство, бидејќи сега не се случува тоа. 

Адријана Лавчиска од „Отворено општество Западен Балкан“ го дополни Рокас со оценката дека земјата побрзо се приближува кон ЕУ со усвојувањето закони со европски знаменца , а побавно со животниот стандард, дека напредокот е бавен и нерамномерен дека и дека ниту една влада самата со ниту една мерка не може да го забрза тој прогрес без заедничка работа. Сабина Ланге од „Отвореното општество Западен Балкан“ пак рече дека историјата на ветатата не почнала со нас туку со искториското француско „не“ за приемот на Обединетото Кралство во ЕУ пред многу децении – практично од самиот почеток на проширувањето на ЕУ.

Бројките сепак зборуваа најмногу. Според анализата Македонија лани (2025 година) назадувала во општата оценка на усогласеност со ЕУ место да напредува, односно отишла 0, 1 отсто во минус. Притоа во 4 области покажала напредок, а во исто толку назадување, така што генерално нашата усогласеност како држава со статусот на просечна земја членка на ЕУ е 64 отсто – или поедноставно пресметано, со темпото на развој од изминатите пет години ќе ни требаат вкупно 52 години за сите области да ги достигнат благосостојбата, квалитетот на живот и услугите на земјите членки на Унијата (Well being).

И што е уште посимптоматично, Македонија е единствената што заостанала во регионот, а заедно со БиХ (на која и требаат 59 години да ја стигне ЕУ) е на дното, додека на Црна Гора ќе и требаат 32 години, на Србија 48, па и на Косово само 38 години. 

Она што е најкуриозитетно притоа е дека најдобри резултати анализата покажала во здравството, каде што испаѓа дека сме усогласени 80,3 отсто со тоа што е просек на ЕУ, пред се поради значајно намалениот процент на смртност кај деца, по што сме на врвот во Европа и меѓу првите во светот. Притоа стои податокот дека Македонија има 463 болнички кревети на 100.000 жители , а 33,8 лекари на 10.000 и дека во тој поглед сме над 90 отсто ( односно 80 отсто)  усогласени со ЕУ, а околу спречувањето на смртноста на децата сме со високи 121 отсто  – т.е. 21 отсто подобри од ЕУ. Минатата година имало пад во бројот на лекари и на болнички кревети, но сепак главниот проблем не е тој туку малиот процент за издвојување за здравството ( 67 отсто од ЕУ просекот), при што 39, 6 отсто од трошоците ги плаќаат од свој џеб граѓаните, што е двојно повеќе од просекот на тоа што го плаќаат граѓаните на ЕУ, и тоа главно оди за специјалистички прегледи и утврдување дијагнози. 

Иако не ни треба ни бројка за тоа, Македонија е најдалеку од ЕУ и според заштитата на животната средина. Иако по процентот на заштитени подрачја сме речиси како и земјите во ЕУ, на терен тоа не се спроведува  поради лошото менаџирање со националните паркови и други заштитени области. Единствено подо0брување во заштитата се должи на развојот на обновливата енергија, но и натаму има дури 222 на 100.000 жители предвремени жртви на прекумерните загадувања со ПМ честички. Затоа се препорачува рапидна експанзија во обновливата енергија, зголемување на енергетската ефикасност, таргетирање на изворите на загадување на воздухот, менаџирање на отпадот (практично целосна реформа на сегашниот систем) и правање од пречистувањето на водата и нејзиното собирање прв државен приоритет, бидејќи сега од тој аспект сме усогласени само со 13 отсто од ЕУ, односно го имаме најнискиот процент во која и да е сфера воопшто.

Во економската сфера се забележува како позитивно зголемувањето на пензиите и минималните плати, при што во однос на вториот аспект, дури 75 отсто сме усогласени со ЕУ и тоа е нашиот најсилен  екомномски прогрес. Затоа, пак, стои разорачувачкиот податок дека 10 отсто од најмногу платените во државава се „усогласени“ со тие во ЕУ дури 96 отсто, односно имаат плати речиси како во ЕУ , а 20 отсто најслабо платени стигаат до 58 отсто од примањата на граѓаните во ЕУ, што значи дека добивките нерамномерно се распределуваат.

Уште повеќе,  социјалната заштита во Македонија се оценува како една од најслабите области по усогласеноста со Унијата, бидејќи стигаме само до 33 отсто од европското ниво. Генерално, на Македонија ќе и требаат 100 години да ја достигне социјалната заштита на ЕУ, 33 години да се усогласи економски, 18 години за да го достигне европското ниво на здравството, 38 години за образованието, 31 година за владеењето и управувањето, 100 години за заштитата на животната околина, 25 години за дигитализацијата  и 100 години за инфраструктуратѕа, која е посебна „болест“ на државата, и покрај сите силни најави за градење. 

Притоа стои дека во Македонија има 132 километри изградени патишта на 10.000 километри (59 отсто од ЕУ просекот),  а само 357 километри железница на ист простор. Иако звучи неверојатно во моментов испаѓа дека во овој контекст најдобро стоиме со заштитата на водоснабдувањето каде сме усогласени до 80,8 отсто од ЕУ просекот, и покрај сите труења летово.

Генерално во извештајот се препорачува зголемување на бројот на поквалификувани и подобро платени работни места, поголема стапка на придонеси за пензии, прогресивно оданочување според висината на приходите и намалување на непријавената работа. Толку фалената дигитализација, според оваа анализа, треба целосно да се рефформира, бидејќи сега е фрагментирана и за повеќето услуги од државата повторно се завршува со шалтер. Освен неизбежното јакнење на независноста на правосудството, поентата беше дека Македонија не треба само да прави реформи, туку да изгради систем што ќе биде отпорен на политичките промени и ќе функционира без оглед кој ќе дојде на власта.