Најмногу пари за претставата на Милчин: 2,1 милиони денари за „Вишновата градина“ на Чехов во Турскиот театар во Скопје


Режисерот Владимир Милчин ќе добие 2,1 милиони денари за да ја постави „Вишновата градина“ на Чехов во Турскиот театар во Скопје. Ова е и најголемата сума што стручната комисија за драмска дејност ја одредила за реализирање претстава од пријавите на националните установи, објави 360 степени.

Според објавените податоци на Министерството за култура, со вкупен буџет од 3,7 милиони денари, режисерот Ќендрим Ријани ќе има задача да режира три претстави во три различни театри. Поконкретно, по еден милион денари се одобрени за претставите „Народен непријател“ (Гостиварски театар) и „Свиркање во мракот“ (Кумановски театар), а 1,7 милион денари се одобрени за Чеховата „Три сестри“, која ќе ја режира во Албанскиот театар во Скопје.

Меѓу режисерите што ќе работат повеќе проекти е и Синиша Евтимов, кому му се одобрени три претстави.

Од пријавите на националните установи за драмска дејност, одобрени се вкупно 73 проекти, за кои ќе бидат издвоени околу 53 милиони и 800 илјади денари.

Во Турскиот театар, покрај Милчин и Евтимов, кому му се одобрени 1,1 милион денари за „Кројач на дами“ од авторот Жорж Фејдо, ќе режираат и Џабир Доко со детската претстава на Браќата Грим – „Рапунзел“ за 400 илјади денари, како и Драгана Милошевски-Попова со „Славната Флоренс“ на авторот Питер Квитлер за сума од 400 илјади денари.