Најголемата рафинерија во Индија продолжи да купува руска нафта


 

„Индијан oил Корп“, најголемата рафинерија за нафта во Индија, купи пет товари руска сурова нафта за испорака во декември од компании кои не се предмет на западни санкции, објави Ројтерс, повикувајќи се на трговци запознаени со зделките.

По воведувањето ограничувања од страна на Вашингтон врз „Лукоил“ и „Роснефт“, двата најголеми руски производители на нафта, голем број индиски рафинерии, вклучувајќи ги „Мангалор Рафинерија и Петрохемикалс“, „ХПЦЛ-Митал Енерџи“ и „Рилианс Индастрис“, ги прекинаа купувањата на сурова нафта од руско потекло.

Главниот финансиски директор на „Индијан Оил Корп“, Ануџ Џаин, изјави дека компанијата ќе продолжи да купува сè додека испораките не ги прекршуваат санкциите.

Според еден трговец, рафинеријата купила приближно 3,5 милиони барели сурова нафта за испорака во пристаниште во источна Индија во декември. Изворите на Ројтерс не го прецизираа продавачот во овие трансакции.