Најбогатиот Европеец: Брисел ќе биде виновен ако го префрлиме производството во САД

Францускиот милијардер и најбогат човек во Европа Бернард Арно предупреди дека гигантот за луксузни стоки ЛВМХ може да го префрли производството во САД во случај на трговска војна. „Брисел ќе биде виновен ако тоа се случи“, рече првиот човек на ЛВМХ за време на годишното собрание на акционери.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека ги суспендира царините за сите на 90 дена, освен за Кина. ЕУ веднаш ги паузираше своите контратарифи, велејќи дека се надева дека ќе постигне договор со Вашингтон во следните три месеци.
Арно смета дека ЕУ е таа која мора да ја преземе одговорноста за изнаоѓање договор кој ги штити нејзините интереси без зголемување на царините.
САД се главниот пазар за ЛВМХ, така што компанијата би била исклучително изложена на трговска војна меѓу Брисел и Вашингтон. Арно истакна дека доколку двете страни не постигнат договор, повисоките тарифи ќе ги принудат ЛВМХ и другите европски компании да ги преселат операциите во САД.
„Ако Европа не може да преговара интелигентно, ќе има последици за многу компании“, убеден е тој.
Арно, кој присуствуваше на инаугурацијата на Трамп во јануари, го поддржа планот на Трамп за намалување на даноците и бирократијата со цел да ги натера производителите да го преселат производството во САД. Денеска тој ја критикуваше ЕУ како „бирократска сила која си го губи времето издавајќи регулативи кои за жал се наметнати на сите земји-членки и кои ги казнуваат економските сектори“.
Тој потврди дека сака ЕУ и САД да воспостават „зона за слободна трговија“, идеја што веќе ја изнесе американскиот милијардер Илон Маск.