Најбарана евровизиска песна на Јутјуб е холандската, хрватскиот претставник со најголеми шанси за влез во финалето


Амстердам – Обложувалниците ги отворија квотите за полуфиналните вечери на Евровизија. Така, во првата полуфинална вечер најголеми шанси за влез во финалето има хрватскиот претставник Бејби Лазања, а по неа е Украина.

Што се однесува до второто полуфинале, на прво место е Холандија, а при врвот е и Швајцарија, која засега е и најголемиот фаворит за победа на овогодишниот натпревар.

Холандија, инаку, го привлекува вниманието со песната „Europapa“ со која годинава ќе ја претставува Јост Клајн. Песната е објавена на официјалниот Јутјуб канал на Евросонг пред еден месец и досега има над 17 милиони прегледи. Ниту една песна што беше објавена тој период или на почетокот на оваа година не е ниту блиску до холандската.

Песната „Europapa“ е писмо од Јост до неговиот покоен татко кој починал од рак и му рекол дека нема граници за тоа што може да постигне.

– „Europapa“ е за сирак кој патува низ Европа (и пошироко) за да се најде себеси и да ја раскаже својата приказна. На почетокот луѓето не го препознаваат, но тој продолжува да ја користи секоја можност за да биде виден. Песната е посветена на мојот татко. Воспитувајќи ме, тој ми го пренесе тој широк поглед на светот, изјави Клајн.

Сепак, обложувалниците на холандската песна ѝ даваат девет отсто шанса за победа. 

Шеесет и осмото издание на „Евровизија“ ќе се одржи во Малме на 7,9 и 11 мај. Како водителки на натпреварот, најавени се холивудската ѕвезда Малин Акерман и Петра Меде, која им е добро позната на евровизиските фанови од претходни години. 

Македонија и годинава како и лани не учествува на Евросонг, ама МРТ ќе врши директен пренос од сите три вечери. Најдобар пласман од македонските претставници има Тамара со нејзината песна „Горда“.