Наградно летување за првенците на генерација од основните училишта во општина Карпош


 Учениците од основните училишта во општина Карпош кои во изминатите девет години се стекнале со признанија и дипломи на државно и локално ниво и кои постигнале најдобар успех, наградени се со седумдневно летување во детскиот летен камп „Каливас” во  Метаморфозис, Халкидики, во Грција, заедно со најдобрите спортисти и освојувачи на пехари на училишно ниво.

Како што соопшти Општина Карпош, летувањето е обезбедено и за учениците од ООУ „Петар Поп Арсов” како државни прваци во футсал, „кои на 14 јуни сите заедно ќе се опуштат и ќе одморат низ низа спортско-забавни активности“.

Од Општината информираат дека секое општинско основно училиште во Карпош на крајот на учебната година избира по еден првенец на генерација, во согласност со пропишаниот Правилник и критериумите за избор.

За првенци на генерација за учебната 2024-2025 година се прогласени: Ангела Станоевиќ од ООУ „Лазо Трповски”, Владимир Грчев од ООУ „Братство”, Марија Јовчевска  од ООУ „Аврам Писевски”, Огнен Кралевски од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош”, Матеа Мирческа од ООУ „Вера Циривири Трена”, Гала Наумова од ООУ „Петар Поп Арсов”, Катја Серчевска од ООУ „Димо Хаџи Димов”, Ева Ризова од ООУ ,„Јан Амос Коменски”, Илина Димитровска од ООУ „Владо Тасевски” и Калина Стојчевска од ООУ „Војдан Чернодрински”.

Првенците на генерација од секое училиште во Карпош биле наградени денеска на настан во училиштето  „Јан Амос Коменски” и во таа пригода градоначалникот Стевчо Јакимовски им врачил и еднократна парична награда од по 10.000 денари што локалната самоуправа традиционално ги доделува. 

-Наградата е симболична, но таа нека ви служи како поттик во понатамошното образование и награда за вашиот вложен труд кој се разбира нема да запре тука. Општината се залага овие деца да имаат максимални услови за работа, за учење и спорт, со тоа што поставивме во сите училишта фотоволтаични системи, спортските игралишта ги опремивме со вештачка трева во секое училиште. Иако на крајот од годината, но од септември веќе наредните генерации ќе имаат по еден компјутерски кабинет, каде што ќе го надградуваат своето знаење во сферата на технологијата. Училиштата во Карпош ги опремивме и со персонални компјутери како и со смарт панели. Оттука, очекуваме дека со вакви услови, ќе имаме се повеќе и повеќе деца со кои ќе се фалиме и кои вредно ќе продолжат да учат, ќе следат уредни генерации кои ќе бидат пример за нашето општество, истакнал Јакимовски.

Општината нагласува дека целта на оваа иницијатива е да мотивира и да го поттикне напредокот на основците во Карпош и дека во таа насока локалната самоуправа обезбедува и стипендии за талентирани ученици и за талентирани спортисти