Награди за најдобри стории и фотографии на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“


 Во Европска куќа – Скопје денеска ќе се одржи официјалното врачување награди за најдобри новинарски стории и фотографија на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, објавени во  периодот мај 2024/април 2025 година, што ги доделува Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

СЕММ, во соработка со УНЕСКО, наградите ги доделува во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 Мај, што меѓу другото служи како потсетник за владите во светот за почитување на нивните заложби за слобода на изразување, но и за навраќање  на медиумските професионалци кон многу прашања поврзани со слободата на медиумите и новинарската етика.

Како што информираат од СЕММ, на церемонијата ќе се обратат шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Михалис Рокас, Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ и Горјан Јовановски, еко-активист и член на жирито.

Новинарските награди СЕММ ги доделува како активност во проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ поддржан од УНЕСКО и од Европската Унија. 

-Нашата животна средина е загрозена – од човекот и од глобалните климатски промени. Во услови на опасно загадување на воздухот, водата и почвата, потиснувањето важни информации и ширењето дезинформации, преку медиумите и преку социјалните мрежи, претставува дополнителен ризик за јавното здравје, за кондицијата на природата и за демократскиот развој на заедницата. Токму поради ова, Советот за етика во медиумите и оваа година повикот за годишни награди го фокусираше на тема поврзана со човековата околина, со цел да поттикне поголема застапеност на содржини за животната средина во медиумите и да промовира повисока свесност за потребата од навремено, точно и етичко известување за овие прашања, посочуваат од Советот за етика во медиумите на Македонија.