Награда од Општина Битола за 19 талентирани ученици


По повод Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, додели награди на 19 талентирани ученици кои освоиле најмногу бодови на јавниот повик, кој општината го објави во февруари, годинава.

Пријавите кои пристигнаа со освоени високи места на битолските ученици на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари, потврдија, дека Битола има навистина многу успешни млади луѓе кои заслужуваат да бидат поддржани, поттикнати и наградени од локалната самоуправа, соопштија од тамошната локална самоуправа.

-Од оваа година, како локална самоуправа, одлучивме празнувањето на Денот на заштитникот на градот, да го направиме заедно со талентираните ученици, интелектуална сила на нашата општина, која значи надеж, иднина, напредок за Битола, но и воопшто за нашата држава. Изминатите години, имало неколку обиди, општината да го награди успехот на учениците, но годинава за првпат, одлучивме тоа да го направиме низ јавен и транспарентен процес, со објава на јавен повик, на кој ќе може да се пријават сите ученици кои ги исполнуваат критериумите и тоа по своја желба, по желба на родителите и менторите. На овој начин, сакавме да постигнеме рамноправност, секој ученик да добие шанса, да аплицира за награда, преку еден натпреварувачки процес, во кој од најдобрите ќе бидат избрани, тие со најмногу освоени бодови. И навистина, се докажа дека Битола, има навистина вредни, талентирани и надарени ученици. Тука мислам, на сите тие 197 пријавени ученици, кои учеле, се натпреварувале и постигнувале високи резултати на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари, посочи Коњановски.

Општина Битола награди 19 ученици кои освоиле прво место на меѓународни натпревари и на сите им додели парична награда во износ од 15.000 денари.

Одбележувањето на Денот на заштитникот на Битола, продолжува утре со утринска богослужба која ќе започне во 8 часот, а потоа ќе се отслужи Света Божествена Литургија, во 10.30 часот, пак, ќе следува Литија со моштите на „Свети Агатангел Битолски“, во чест на патронот и заштитникот на градот – Свети Нектариј Битолски.