Надворешната политика се претвори во целосен аматеризам, вели СДСМ


Табела како гласаа членките на ОН за резолуцијата на Украина поддржана од ЕУ

 

Скандалозно.

Така го нарече опозициската СДСМ вчерашното позиционирање на Македонија во ОН во однос на гласањето за резолуцијата на Украина поддржана од ЕУ, и онаа на САД за тригодишнината од руската агресија.

„Северна Македонија гласаше воздражно за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за резолуцијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше воздражно. 

Ваквите одлуки, укажуваат на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД“, вели опозициската партија во соопштението.

Понатаму СДСМ додава дека ставот на партијата во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија.

За СДСМ, стратешкото партнерство со САД е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува. Истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. САД се еден од најважните страатешки партнери и тоа партнерство треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес, велат од партијата.

СДСМ обвинува дека Мицкоски „ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации за важни прашања и прави огромни грешки. Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери“.

Партијата најави дека утре претседателот Венко Филипче ќе одржи прес-конференција на која ќе ги соопшти ставовите на СДСМ за овие прашања.