Над половина од проверените локали не ги исполнуваат минималните технички услови, дури и оние со важечки лиценци, преку 80 отсто ќе бидат затворени

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва рече дека се проверени повеќе од 60 – 70 локали, дури и оние со важечки лиценци, но повеќето од половината не ги исполнувале минималните технички услови. Оваа информација, како што истакна, ја добил од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Мицкоски напомена дека над 80 отсто од овие локали ќе бидат затворени. Според премиерот, се очекува инспекциските контроли да завршат за недела до две по што точно ќе се знае кои локали се безбедни. Тие што ќе продолжат да работат, рече, ќе значи дека 100 отсто ги исполнуваат минимум пропишаните услови.
Од понеделник, оцени Мицкоски, сликата ќе биде многу појасна.
Во гостување на ТВ Сител, премиерот напомена дека разговарал со претседателот на ЗЕЛС и од него побарал итно да закаже Управен одбор, да се проверат сите објекти што се под општинска надлежност, а комуналните инспектори да излезат на терен за да ги проверат надстрешниците на објакетите, терасите,…
-Пред да дојдам тука добив инофрмација од ДПИ дека се проверени повеќе од 60 – 70 локали, дури и оние со важечки лиценци. Повеќето од половината не ги исполнуваат минималните технички услови и тоа е најголемиот проблем. Дури и тие локали што имаат се на хартија, повеќе од половината не ги исполнуваат потребните услови. Морам да бидам груб и да кажам, колку и да ми се налутат сопствениците, колку и да велат дека сум лош или дека Владата е лоша, повеќе од 80 отсто ќе бидат затворени и нема да вршат дејност зашто не ги исполнуваат минималните технички услови. Нема играње со овие работи. ДПИ вложува надчовечки напори да направи контрола во сите локали, барови, поголеми, помали,.. Ќе се менуваат и законите, ова мора системски да се реши, но откако прво кривично ќе биде решен целиот случај, овој и уште неколку други, истакна премиерот.
Дополни и дека многу од сопствениците, рекле дека нема да ги отворат локалите, свесни дека не ги исполнуваат условите.
-Во моментот низ цела држава фунцкинираат меѓу 50 и 60 објекти со дејност кабаре или диско клубови затворени или отворени, 22 се со лиценци, а повеќе од полвината не ги исполнуваат потребните технички услови. За да стекнете право на лиценца според законските измени од 2007 година треба да кажете дека се имате и никој нема потреба да провери, објасни Мицкоски.
Во врска со трагедијата во Кочани уште еднаш потенцира дека никој нема да биде поштеден и ќе има одговорност, како што рече, за секој што постапил незаконски, независно од која партија е, дали е Македонец, Албанец, муслиман, христијанин,…
Премиерот ги пофали обвинителите, дека веднаш излегле на терен, како и дека работат заедно со МВР, постојано, по 16 – 17 часа.