Над два милиони потрошувачи во Грција планираат да купуваат за Black Friday

Околу два милиони потрошувачи во Грција планираат да купат нешто за Black Friday, две третини од нив, тоа ќе го сторат преку интернет, додека пак прометот се очекува да достигне до 280 милиони евра, покажуваат податоците од истражувањето на грчкиот Институт за стоки за широка потрошувачка , јави дописничката на МИА од Атина.

Седум од десет Грци, односно 73 отсто, не планираат денеска да купат нешто, додека пак останатите 27 проценти, просечно ќе потрошат 140 евра.

-Околу 2,3 милиони потрошувачи проценуваат дека ќе пазаруваат овој период, што во последните години обично трае неколку дена. Во однос на просечните трошоци, проценките се дека овие два милиони потрошувачи ќе потрошат 140 евра во просек, соопштуваат од Институтот.

Од анкетираните, 32 отсто рекле дека ќе потрошат до 50 евра, 27 проценти од 51 до 100 евра, а девет отсто планираат да потрошат над 500 е, што, според Институтот, „значи дека важните потреби на домаќинствата ги одложуваат додека не начекаат значајни попусти“.

Истражувањето за потрошувачките навики со анкетирани 850 лица, било спроведено на 2 и 3 ноември, односно пред почетокот на карантинот и во периодот кога се уште беа отворени продавниците.

Во Грција, попустите за Black Friday, не се само денеска, туку започнаа пред неколку дена, а поради карантинот, Грците имаат можност да купуваат само преку интернет.