Над 90 милиони денари за изградба и опрема на објектот „Сонце“ во градинката „Росица“ во Волково


Преку проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка, издвоени се значителни 85.928.460 денари за изградба и дополнителни 6.292.161 денари за опремување на објектот „Сонце“ во градинката „Росица“ во Волково, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

– Оваа инвестиција е потврдување на посветеноста на Владата за обезбедување на најдобри капацитети за нашите деца, нагласи Тренчевска.

Таа информираше дека преку проектот за подобрување на социјалните услуги, создаден е квалитетен и инклузивен простор за 150 деца, поттикнување на раниот детски развој во модерни и наградувани објекти.

– Архитектонскиот сјај на градинката, признат од престижната Асоцијација на архитекти, не само што стои како симбол на иновативноста, туку и ја одразува нашата посветеност на ефикасноста. Вклучувањето на специфични детали ја подобрува целокупната функционалност на зградата, обезбедувајќи таа да остане светилник на извонредност во раното образование, рече министерката.

Таа подвлече дека нашата еколошка свест се одразува преку дизајнот. Тренчевска рече дека градинката е енергетски ефикасна и има потенцијал за понатамошно развивање на зелен покрив, а зеленилото, внимателно интегрирано во околината, доминира во пејзажот, создавајќи здрава средина погодна за безгрижна детска игра и учење.

– Обезбедуваме на секое дете пристап до квалитетно образование, инклузивна средина и можност за напредок. Градинката Волково е светол пример за тоа што може да се постигне кога инвестираме во благосостојбата на нашите најмлади граѓани, поставувајќи ги темелите за поправедно и порамноправно општество, истакна министерката.

Заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска ја посетија општината Ѓорче Петров. Притоа се сретнаа со Здружение и културно уметничко друштво во Центарот за култура во Ѓорче Петров, а го посетија и објектот „Сонце“ на ЈОУГД „Росица“ во Волково. Претставниците на Владата на РСМ ќе ја посетат и прочистителната станица во село Орман.