Над 80 милиони жители на САД погодени од ледена бура и обилни снежни врнежи


Силна зимска бура почна да „сече“ низ делови од југоисточниот дел на САД во неделата, проследена со замрзнат дожд, мраз и снег во градовите и државите кои вообичаено не се соочуваат со такви студени временски предизвици.

Зимските временски предупредувања се протегаат низ источниот дел на САД – на 1.400 милји од Мисисипи до Мејн, област што претставува дом на дури 80 милиони луѓе, рекоа метеоролозите на Си-Ен-Ен.

„Посебно сум загрижен поради претстојната ледена бура што ќе влијае на внатрешноста на Јужна и Северна Каролина. По обилен снег, може да се очекува мраз“, рече метеорологот Дерек Ван Дам. „Ова сигурно ќе доведе до прекин на електричната енергија во областа бидејќи ветровите ќе дува над 40 милји на час“, додаде тој.

Замрзнат дожд беше забележан во централниот регион Пиемонт во Северна Каролина во неделата наутро, според Центарот за предвидување бури (SPC). Замрзнатиот дожд се предвидуваше да продолжи низ делови од централна Северна Каролина до утринските часови. Снегот паѓаше низ југоисточна Вирџинија и се предвидуваше дека постепено ќе премине во замрзнат дожд.

Зимското невреме доведе до прекин на електричната енергија, паѓање дрвја и мраз на патиштата. Десетици илјади потрошувачи останаа без струја во Џорџија, Северна Каролина, Јужна Каролина и Флорида, објави АП.

Невремето сериозно го отежна воздушниот сообраќај во делови од јужниот дел на САД. Најтешко погодениот аеродром во земјата е меѓународниот аеродром Шарлот Даглас, кој остана отворен до зори, соопштија претставници на аеродромот на брифинг. Сепак, повеќе од 1.000 од денешните летови до Шарлот се откажани, според сајтот за следење летови flightavare.cоm. Шарлот е главен воздушен центар во јужниот дел на Соединетите држави. Во Атланта денеска беа откажани повеќе од 300 летови. Федералната управа за авијација соопшти дека денеска се очекува дополнително влошување на временските услови и дека е можен прекин на сообраќајот на аеродромите во Вашингтон.