Над 40 филмови, на три локации: Време е за „Муви најт“ на 22. Синедејс
Дваесет и второто издание на Фестивалот на европски филм Синедејс почнува вечерва, а отворањето и затворањето (на 18 јули) се во знакот на македонски премиери. Вечерва од 21 часот, во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се прикаже „М“ во режија на Вардан Тозија. Поради голем интерес, закажана е и втора проекција од 21, 30 часот во киното Фросина.
„М“ својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Кан, во рамки на маркетот за филмски професионалци и на Берлинскиот филмски фестивал. По премиерата на Синедејс од септември филмот го започнува својот киноприкажувачки и фестивалски живот.
„М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, кој живее со верување за заштитничките моќи на својата магична шума, не знаејќи за постоењето на светот надвор од неа. И покрај контролата на неговиот строг татко, детската љубопитност го води до преминување на границите“, изјавува режисерот Тозија.
Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев… Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

Синедејс ќе го затвори Гоце Цветановски со македонската премиера на неговиот прв долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“.
Фестивалот годинава се одржува под слоганот „Муви најт“ на три локации: паркот зад МКЦ, киното Фросина и летното кино во Кинотеката. Ќе се прикажат над 40 филмови и ќе има над 50 гости.
„Во компактната програма ќе погледнеме наслови од Кан, на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров…, потоа новиот филм на Горан Столевски, а имаме и премиери на пет македонски кратки филмови“ , вели Маргарита Арсова, програмска координаторка на Синедејс.
Во рамките на музичката програма ќе настапат „Културно-уметнички работници“, Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд „Визељ“.