Над 3.600 странци работеле во Косово во 2023, од нив 211 биле од Македонија


Косово во текот на 2023 година издало над 3.600 работни дозволи за странски државјани, од кои 211 за државјани на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот Институт за напредни студии – ГАП објави дека минатата година се издадени вкупно 3.646 работни дозволи за странски државјани, што е за 667, или 22,4 отсто повеќе во однос на 2022 година.

Според статистиката што ја објави овој Институт, според земјите на потекло на граѓаните кои добиле работни дозволи во Косово во текот на изминатата година, предничат Турција, од каде што дошле 1.004 државјани, и Бангладеш, чии 722 државјани добиле работна дозвола. Следат 465 српски државјани и 440 од Албанија, а помал број се регистрирани од САД (144), од Филипините (70), од Германија (61), од Црна Гора (43) и од Италија (36).