Националниот план за справување со масовни жртви е одговор на трагедиите во земјава
На завршната сесија во рамките на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што ја организира Владата, министерот за здравство Азир Алиу го презентираше Националниот план за справување со масовни жртви. Тој порача дека планот е резултат на научените лекции од повеќе трагични настани што се случија изминатите неколку години.
„Овој план не е одговор само на едно трауматично општествено искуство коешто го имавме, туку и на повеќе тешки моменти што ги преживеа нашата држава во изминатите години – автобуската несреќа во Ласкарци, модуларната болница во Тетово, автобусот што изгоре во Бугарија, а потоа и Кочани“, рече Алиу.
Со имплементација на планот се очекува намалување на смртноста и зголемување на преживувањето при масовни жртви и инциденти, унапредување на координацијата меѓу институциите, континуирани обуки и вежби.
„Неговата суштинска вредност е во тоа што јасно ги дефинира улогите и одговорностите на сите надлежни институции и го структуира одговорот на три клучни нивоа. И тоа, на стратегиско ниво, каде што планот предвидува активирање на кризно управување, централизирано донесување одлуки и меѓусекторска координација. На ниво на здравствена установа, планот ја утврдува организацијата на прием и третман на голем број повредени, мобилизација на персоналот, опремата и одржувањето на континуитетот на здравствените услуги. На предболничко ниво на организација на институциите се утврдува теренската тријажа и укажувањето медицинска помош, евакуација, транспорт и воспоставување истурена медицинска станица, каде што е потребно“, додаде министерот за здравство.
Во рамките на завршното обраќање, министерот Алиу се осврна и на подготвениот Национален протокол за изгореници, кој претставува клучен чекор во стандардизирањето и унапредувањето на третманот на пациентите со изгореници на национално ниво.
Примената на националниот протокол за изгореници има за цел да воспостави јасни стандарди за проценка, тријажа, транспорт, интензивно лекување, хируршки третман и рехабилитација, на сите нивоа – од примарната здравствена заштита до терцијарните клинички центри.
На завршната сесија од конференцијата беа доделени благодарници за домашните здравствени установи, а обраќање имаше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Таа порача дека трагедијата во Кочани беше момент на национален шок, длабока човечка болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза, во која сите се нашле пред огледалото на совеста и одговорноста.
„Кочанската апокалипса ни остави длабока рана, предочувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност ниту една дејност не може безбедно да функционира и ништо, ама апсолутно ништо не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани“, рече претседателката.