Националниот џез оркестар најавува концерт со Дони Мекаслин


Националниот џез оркестар на 14 јули во Македонскиот народен театар ќе одржи концерт со Дони Мекаслин, еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена.

Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.

-Името на Дони Мекаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21. век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму Мекаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, Мекаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба. New York Times за еден негов концерт напиша: „Се почна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва, наведува Националниот џез оркестар.

Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот, билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).