Националната ИКТ стратегија треба да го прекине талкањето на граѓаните од шалтер до шалтер, но кога?
Сите документи да бидат достапни на граѓаните дигитално, да не мора да се такла од институција до институција, да не се обезбедува документ од Катастар со неколкупати одење до Град Скопје па во Катастар и слично, треба да се овозможи со Националната ИКТ стратегија, која денеска почнаа да ја изработуваат надлежните.
До декември, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, најавува надрградба и дополнување со уште десетина институции кои ќе ја користат платформата за интероперабилност.
Но, ако се знае, дека таа платформа постои веќе 11 години, а неа ја користат само 30 институции од постоечки 1.100, слаба е надежта дека нешто ќе се смени наскоро.
Националната ИКТ стратегија треба да ги исцрта решенијата на проблемите кои ги спомнавте, особено во четири категории кои ги спомнав, која ни е ИКТ инфраструктурата, даја изградиме ако не е доволна, да ја подобриме ако ја имаме, потоа да ги видиме вештините на граѓаните да ја користат таа ИКТ структура, да им понудиме услуги на граѓаните преку електронските алатки и потоа да му помогнеме на бизнисот да се дигитализира, преку иновации, претприемништво и градење на нови технологии.
– Комуникацијата помеѓу институциите треба да се врши исклучиво во дигитален формат, но тоа во моментот е невозможно затоа што немаме платформа за интероперабилност којашто ја користат сите институции, имаме платформа – ја користат 30 институции, закачени се помалку од 60 институции, што е пораз за државата, затоа што таа платформа е присутна веќе 11 години во Македонија. И вториот елемент е да сакаат институциите внатре процесите да си ги дигитализираат, што значи промена на законска регулатива, подзаконски акти и користење на дигиталните алатки – рече министерот Андоновски на прес-конференција каде ја најави изработката на Националната ИКТ стратегија.
Тој соопшти дека за платформата за интероперабилснот има нови 10 институции коишто сакаат да се приклучат, дел приватни, а дел државни, „но работиме во исто време на надградба на таа платформа и во декември ќе ја имаме и надградбата и новите институции приклучени на платформата“.
– Целта ќе биде сите 1.100 институции во државата да бидат приклучени и да комуницираат преку таа платформа за интероперабилност. За мене е несфатливо дека можевме да имаме дигитализација на Катастарот до 2013 година одлична, најдобра во Централна и Источна Европа, диогитализација на УЈП до 2010, најдобра во овој регионна Балканот, за денеска во сите овие области да бидеме последни – рече Андоновски.
Според сите најави, изгледа ќе се изначекаме да можеме да добиеме документ од некоја институција веднаш, а за документи кои ќе можеме сами да си ги испечатиме откако дигитално сме ги добиле, или само да ги симнеме на нашиот мобилен телефон и тие да важат во која и да е институција каде ќе ни ги побараат, да не зборуваме.