Националната галерија со четири изложби за Денот на независноста


Денот на сувереноста, независноста и самостојноста на Република Северна Македонија и македонскиот народ 8 Септември, нека биде во духот на културата и културното наследство.

Имено, Националната галерија партиципира со четири настани во своите три објекти:

Даут пашин амам

  • Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски

Изложена поставка по цели 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност. ДИМИТАР КОНДОВСКИ е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Изложбата ќе биде поставена до 15 септември 2022 г.

 

Чифте амам

  • „Апотеоза на пределот“ на Кирил Гегоски

Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Изложбата ќе биде поставена до 24 септември 2022 г.

 

  • „Ерос“ на Луан Мулиќи

Еротската уметност е широко поле во визуелните уметности, вклучително и скулптурата како уметничко дело. Провокативни од уметнички, но и смели од професионален аспект, не само во една скулптура, туку и во неколку тематски скулптури, авторот се фокусира во истражување на еротиката. Изложбата ќе биде поставена до 24 септември 2022 г.

Мала станица

  • „Жанр сцени од Колекцијата на Национална галерија“

На изложбата се изложени околу 80-ина дела во различни сликарски техники и скулптури  кои  се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постоечките елементи на драматика, сатира, дидактика, па се до вклучување на романтизам и сентименталност. Жанр-сцената го опфаќа човекот како фокус, во неговото опкружување, претстави на пазари, ентериери, ликови во ентериер, улични настани. Изложбата ќе биде поставена до 10 октомври 2022 г.

 

Ве информираме дека на 8 Септември влезот во сите галерии е бесплатен а посетите се од 10 -18 часот.