Националната галерија организира инклузивен проект за компјутерска графика на тема „Виртуелно ЈАС“


Национална галерија на Република Северна Македонија секоја година се приклучува во одбележување на месец април – посветен на подигнување на свеста за присуството и прифаќањето на лицата со аутизам.

– Оваа година, во соработка со Гимназијата „Алгоритам“, организираме инклузивен проект за компјутерска графика на тема „Виртуелно ЈАС“. Преку компјутерска графика, децата од оваа ранлива категорија ќе бидат во можност да се претстават и изразат на креативен начин преку дигиталната технологија. Учество ќе земат ученици од Гимназијата „Алгоритам“, како и други училишта кои имаат инклузивни образовни програми и институции кои ги поддржуваат ранливите категории, соопштија од Национална галерија.

Овој проект, додаваат, има за задача да покаже дека компјутерот не прави разлика меѓу корисниците и нуди неограничени можности за изразување.

Крајниот резултат од овој дигитален проект ќе биде прикажан преку изложба на сработените дела во Националната галерија.

– Охрабруваме што повеќе деца со аутизам да се вклучат и да земат учество во овој проект. Сработените цртежите се праќаат на е-адресата [email protected] со наслов „Виртуелно ЈАС“, најдоцна до 20 април 2021 година, наведуваат од Националната галерија.