Набавките во здравството сѐ поскапи, а услуги кон пациентите сѐ помалку! Се извлекуваат ли пари?


Фото: Б. Грданоски

Инсулини и медицински помагала 39 милиони евра, реагенси 29 милиони, лекови за ретки болести 19 милиони – здравството троши сè повеќе, а нуди сè помалку!

Трошоците за јавни набавки, во здравството во последните 10 години, се зголемени за два и пол пати, односно тие изнесувале 126 милиони евра во 2015 година, а лани изнесувале 315 милиони евра, покажа истражувањето насловено како „Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“, кое го споведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

„Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност, односно, тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот од 2015 до 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 отсто, а на болнички денови за 24 отсто“, покажало истражувањето.

За три години, бројот на специјалистички прегледи паднал за 700 илјади

Според истражувачите, инфлаторните фактори не се доволни за да се објаснат огромните скокови во вредноста на набавките, а растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 отсто. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 отсто.

„Постои јаз помеѓу зголемената вредност на јавните набавки наспроти падот на дадените услуги во јавните здравствени установи што отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита“, оценуваат истражувачите.

Големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги, упатуваат на висок ризик од злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи.

„Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач. Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени. Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 отсто во периодот на анализа“, се наведува во истражувањето.