На зајдисонце во Стоби – безвременско уживање во скулптурите на Петар Хаџи Бошков (фото)

Скулптури на великанот Петар Хаџи Бошков распослани како мали или големи точки на локалитетот Стоби. Во тишина, на зајдисонце. Сами, ама не осамени. Си водат дијалог меѓу два света-античкиот и модерниот. А имаат што многу да си кажат и раскажат. Извадени од ателјето на уметникот, како наследство на неговиот син Игор Хаџи Бошков, и со негова дозвола, одвај чекаа да го вдишат воздухот со мирис на смокви околу древниот локалитет кој периодов со долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“, треба да заживее.
Изложбата, уникатна како идеја и реализација и насловена „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ синоќа ја имаше својата јавна промоција, а претходниот ден ја посети и претседателот Стево Пендаровски.
Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004) од овој значаен уметник, чие творештво е вградено во темелите на современиот културен идентитет на земјава. Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ. Иницијативата за овој проект е на Националната установа за управување со археолошки локалитет Стоби – Градско.
-Скулптурите на Хаџи Бошков, кои се веќе културно наследство, ги бараат своите врски со античката уметност. Две и пол илјади години потоа, поставени вака во Античкиот театар, на Виа сакра, Храмот на Изида и Серапис, тие по подолг период, на свој начин ги реафирмираат вредностите што ги има модернизмот во земјава, а кои беа тргнати од нашето сеќавање. Вредност на која постојано мора да се навраќаме. Со овој проект вниманието е повторно кон уметник кој е доајен на модерната во нашата земја. Автор и општествена фигура која преку своите дела и ангажмани остави траен белег во формирањето на денешната еманципирана, модерна македонска држава. Очекувам овие модернистички дела – кои зрачат со слобода, интегритет и индивидуалност, со европски дух, поставени на древниот локалитет – да влијаат врз подигнувањето на свеста за значењето на заштитата на културното наследство“, потенцираше вчера министерката за култура Ирена Стефоска.
Стотина гости, меѓу нив академици, новинари, како и претставници на дипломатскиот кор- синоќа ја имаа уникатната можност да се движат во две насоки, помеѓу прекрасните и инспиративни објекти на локалитетот, меѓу кои се: Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до Градбата со Арки. Овие локации беа избрани како специфични, бидејќи на најинтересен начин овозможуваат заемно разоткривање на модерната и античката култура и посочуваат на суштинска врска меѓу врвните вредности на овие две епохи.
Изложбата нема за цел да биде постхумна комеморативна ретроспективна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање, врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите, за значењето на делата на Хаџи Бошков, за неговата личност, пристап и за улогата како општествен чинител, и значењето на локалитетот Стоби.
Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е посебно значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна, и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк, по што се вратил во неговото Скопје, да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, првин како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сѐ до своето пензионирање.
Поставката ќе биде отворена до 11 октомври 2021 година.
Л. Сабит