На Заев му останаа уште многу ветувања и половина мандат
Со трибина во еден скопски хотел, владата на СДСМ и на ДУИ одбележа вчера две години откако беше избрана во парламентот. Оттогаш досега во кабинетот на Зоран Заев се случија повеќе кадровски смени, па и промена на партнери, односно проширување на коалицијата со Алтернатива и ДПА, откако Алијансата за Албанците замина од владата.
Со оглед на тоа што оваа влада беше формирана многу подоцна од завршувањето на изборите, поради опструкциите со изборот на нов претседател на парламентот и одбивањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов да определи мандатар, СДСМ, како главна владејачка партија, всушност, потроши повеќе од половина од мандатот. Редовните парламентарни избори треба да се одржат кон крајот на следната 2020 година, а сто дена претходно треба да се избере техничка влада со друг премиер. Според тоа, на сегашниот премиер Заев ефективно му остануваат само една година и неколку месеци за спроведување на преостанатите амбициозни планови што ги соопшти во своето експозе на 31 мај 2017 година или еден месец по крвавите настани во Собранието на 27 април 2017 година, кога, сепак, се создаде простор да почне составувањето на новиот владин кабинет.
Втората годишнина од формирањето на владата, дел од министрите ја поминаа во неизвесност поради потемелните кадровски промени што ги најави Заев по претседателските избори, кои завршија со победа на владејачката коалиција на национално ниво, ама укажаа на голема демотивираност на гласачкото тело. И покрај нискиот одѕив и предупредувачките изборни резултати за владејачката гарнитура во голем број општини, Заев изјави вчера дека е задоволен од досегашните постигнувања на владата.
Тој посебно зборуваше за достигнувањата во доменот на надворешната политика, вклучително со неодамнешниот мошне позитивен извештај на Европската комисија која препорачува датум за преговори со ЕУ, откако на почетокот на годинава беше потпишан Протоколот за членство во НАТО, како резултат на постигнатиот и спроведен Преспански договор.
– Струмичани имаат една изрека „глеј си раатот“. Но јас не влегов во политиката за да си го гледам раатот. За две години ги затворивме сите отворени прашања, преземавме одговорност што никој не сакаше да ја преземе цели три децении. Го зачувавме македонскиот идентитет. Сега граѓаните чекаат јасен потег од ЕУ – рече Заев, на вчерашниот форум насловен „Две години влада – одговорно пред граѓаните“.
Настанот по повод двегодишнината од изборот на владата беше поделен во две сесии, едната посветена на изминатиот период од владеењето, а другата на проекциите за периодот што следува. Првата сесија беше насловена „Промени 2017-2019: Од поделено и изолирано општество пред колапс, до стабилно, солидарно и почитувано општество“, а втората „Агенда 2019 – 2020: Фокусот на владата до крајот на мандатот“.
Според најавите, владата на Заев, во „второто полувреме“, откако затвори голем дел од прашањата во делот на надворешната и меѓународната политика, планира да се посвети на економијата, која во изминатиот период, сепак, се покажа како послаба алка. Тоа се смета и за една од причините за опаѓањето на довербата во владејачките партии на претседателските избори, наспроти бомбастичната победа на СДСМ на локалните избори во октомври 2017 година. Разните амнестии и други отстапки што ги правеше владата во име на спроведувањето на Преспанскиот договор, бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, скандалите со непотизам, судир на интереси и распределба на тендери…, се сметаат исто така како некои од причините за разнишаниот рејтинг што сега ќе се поправа и со кадровски промени.
– Проверете во фиоките кои предмети не ви се решени. Видете ги сите предметите за кои сте рекле „не“ како може да им кажете „да“ на граѓаните. Да растат одговорноста, транспарентноста и отчетноста – апелираше вчера Заев до министрите, директорите и до јавната администрација.
На бизнис-заедницата и на јавниот сектор премиерот им порача дека сега е вистински момент за постигнување „квантен скок“.
– Носете одлуки за инвестиции, работниците мора да ја зголемат продуктивноста, земјоделците сега треба да ги донесат одлуките. Од здравствените работници се очекува поголема грижа, поголема отчетност – јавна плата примате, а сите ние сме пациенти. Образованието мора да оди напред. Мора ние како држава и општество да направиме квантен скок – порача Заев.
Тој потенцира дека треба да им се даде шанса на судиите, на кои им сугерира да делат правда за сите и да не должат никому.
– Мора да има и солидарност. Еднаков квалитет на живот за сите граѓани и фер шанса. Кога ги презедовме сите иницијативи, прво како опозиција, а потоа како носители на власта, реков дека единственото нешто што нè интересира и што секогаш ќе биде наш приоритет, ќе биде иднината, и дека на светот ќе му дадеме еден друг Балкан – нагласи Заев.
Додаде дека оваа влада ги активирала сите потенцијали за да обезбеди праведна држава и социјална сигурност.
– Пакетот закони за социјалната реформа сега е комплетиран и во сила, и го овозможува спроведувањето на придобивки од непосредна важност на стотици илјади граѓани на нашата земја. Социјалната помош е зголемена за 300 проценти. Ги враќаме парите на граѓаните таму каде што се најпотребни – кај најсиромашните и активираме и услуги кои на овие наши граѓани ќе им отворат шанси за вработување и трајно решавање на нивниот социјален статус – истакна Заев.
Време на промени
Во политиката и во бизнисот се користи зборот „гејм чејнџер“ за човек, луѓе или настани кои ја менуваат реалноста или играта која траела со години или децении. Две години по преземањето на власта можам да кажам дека ја одигравме улогата на „гејм чејнџер“, изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Таа рече дека пред две години не можевме да изговориме „членство во НАТО“, а денес сме држава со потпишан пристапен Протокол за членство во НАТО.
– Де факто сме веќе членка на НАТО, де јуре ќе станеме за помалку од една година, со веќе активирана позитивна инвестициска клима за економски бенефиции како најголеми индиректни влијанија што ги носи членството во Алијансата, а не се од воена природа – рече Шекеринска.
За реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор и во полицијата, вицепремиерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потсети на започнатата трансформација во системот на следење на комуникациите, кој беше изворот на политичката криза и инструмент на „режимот“ во минатото.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи оцени дека оваа влада затекна состојба на целосна недоверба во институциите и недоверба меѓу етничките заедници, која се закануваше да ги наруши меѓуетничките односи. За две години, потенцира, е направен пресврт кој е оценет највисоко и во извештајот на Европската комисија.
– Ние сме предводници во регионот. Со оценка 3,5, ние сме и пред Србија и Црна Гора, но и пред Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. И во делот на нашите пазарни системи и услови за водење бизнис, сè повеќе се усогласуваме со оние на ЕУ – рече Османи.
Вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев зборуваше за рекордни странски инвестиции и за политики за подигнување на конкурентноста, зголемување на извозот, технолошки развој и иновации.
– Реалност е дека се градат 19 нови фабрики на странски инвеститори во ТИРЗ, како и уште неколку фабрики надвор од зоните. Работиме на поддршка на реалната економија, на привлекување инвестиции од домашни и странски компании бидејќи само на тој начин може да се постигне одржлив и повисок економски раст. Очекуваме 2019 да биде една од економски најуспешните години – рече Анѓушев. (А.М.М.)