На ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи што транспортот на починатите бил пренесуван во живо
Откако објавуваа невистинити информации преземени од еден опскурен бугарски портал за наводно пренесување на состојки за производство на херион во запалениот автобус, денеска за ВМРО-ДПМНЕ преносот во живо на транспортот на починатите бил недоличен и нечовечен.
„Денес власта на срамен, недоличен и со нечовечки пристап прави церемонија со пренос во живо од транспортот на починатите. Згрозени сме, наместо да покажат почит кон починатите, Забрчанец не се воздржува од себепромоција па на социјалните мрежи објавува фотографии со наслов: ‘Одиме во живо наскоро’. Ова е невкусно, во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција туку потребна е одговорност. Нема никаков одговор за автобуската несреќа, сѐ уште се обидуваат да ја зачуваат власта преку одржување на нивната неспособна коалиција, а бугарските власти веќе дадоа првични информации по спроведената истрага“, изјави на прес-конференција портпаролката на партијата Марија Митева.
И лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, даде денеска изјава во ист тон.
„Добив многу пораки на згрозување од страна на граѓани кои со неверување ја проследија најавата од официјални лица од владата, небаре станува збор за некаков спектакл. Навистина сум разочаран од тоа што велеа дека ја слушнале пораката од граѓаните, но тие сѐ уште се во политичката кал“, рече Мицкоски при денешната посета на Прилеп.
Според неа, власта треба да одговори дали е вистина дека автобусот фабрички бил наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски таблици, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички?