На ужалените од трагедијата во Кочани им продавале „молитви во тегли“ – уапсен велешанец


Фото: Б. Грданоски
 
На 20.05.2025 во СВР Струмица, претставник на МПЦ – OA – Струмичка Eпископија пријави дека од почетокот на 2025 до 20.05.2025 на социјални мрежи се појавила фан страна со назив „Библиска Македонија“ каде се објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков.
 
Исто така, според пријавеното, на страната почнала да се врши продажба на мали тегли со по 31 стих од Библијата, како и религиозни книги кои биле претставени како да се со благослов од Владиката Јаков. Имено, за теглите пишувало и во комуникација на луѓето им било кажувано дека седеле во манастирот во Ново Село и дека биле благословени од владиката.
 
На тој начин, луѓето се доведувани во заблуда да ги купуваат таквите работи, а дека средствата од продажбата ќе бидат употребени во донации за топол оброк за лица бездомници.
 
Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Струмица презеле мерки за откривање на сторителите, по што, со судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица и СВР Велес извршиле претрес во домот на Д.С.(33) од Велес. При претресот се пронајдени и одземени пет мали тегли со пишан цитат од библијата и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Д.С. е лишен од слобода и со него е извршен службен разговор.
 
На 21.05.2025 во СВР Велес била повикана и Р.С.(27) од Велес, сопруга на Д.С., со која бил извршен разговор во врска со делото.
 
Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот, против Д.С. и Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.
 
За ова утрово извести Струмичката епархија од каде велат дека до нив стигнале информации од оштетените граѓани, дел од нив роднини и родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани, коишто, скршени од болка и барајќи утеха, подлегнале на лагите кои им ги пишувале луѓето кои се кријат зад профилот Библиска Македонија и порачувале од спорните реквизити.

 

„Целосно ја имаме во предвид ранливоста на оштетените, кои од небрежност, не сакајќи поверувале на оваа измамничка шема, која е сѐ, само не во духот на православното христијанство. Сочувствуваме со болката, разбирајќи ја љубовта и довербата коишто луѓето ја чувствуваат кон Епископот г. Јаков, па недвосмислено стоејќи зад неговиот авторитет станале жртва на оваа грозоморна измама. Грозоморна, затоа што некои ликови, кои се претставуваа како христијани, се дрзнале преку лаги и измами, не само да прават обид за дискредитација на Преосветениот владика, а со тоа и на МПЦ ОА, туку и да заработуваат користејќи ја болката на оштетените“, велат од таму.