На утринскиот протест се појави градоначалникот на Аеродром – утре заедно ќе одат до Вардариште (фото+видео)

Изговорите на Митески дека градоначалничката Данела Арсовска не соработува, не поминаа кај насобраните, па го прашаа зошто сите градоначалници не се соберат заедно за да издејствуваат решение


Слаб мирис на пластика ги дочека утрово граѓаните кои се собраа на крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“ во Аеродром, а кои веќе 24 дена протестираат против загадувањето кое доаѓа од Вардариште. Овојпат, смрдеата доаѓаше од пожарот што синоќа ја зафати депонијата во Арачиново.

На асфалтот се наредија транспарентите со истите пораки: „1 од 9 деца умираат од загаден воздух“, „2.500 годишно умираат од канцер“, „Дишеме политика, дишеме воздух, тука сме еднакви“, „Со синдромот ќути-трај, до приказна со црн крај“, „Сакаме воздух“…

Утрово им се придружи и в.д градоначалникот на Аеродорм и актуелен кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески. Се обиде да објасни дека Општина Аеродром нема надлежности со кои е обврзана да ја реши депонијата Вардарите, но насобраните му порачаа дека тој, како институција градоначалник, може да притиска кон надлежните институции, да седне со неговиот колега од Гази Баба, каде територијално припаѓа Вардариште и што поскоро да се реши проблемот.

Го прашаа и зошто никој од Министерството за животна средина воопшто не се огласил за Вардариште, зошто институционално не го притискаат и Град Скопје, што исто така, има ингеренции за оваа депонија.

Изговорите на Митески дека градоначалничката Данела Арсовска не соработува, не поминаа кај насобраните, па го прашаа зошто сите градоначалници не се соберат заедно за да издејствуваат решение. 

Насобраните граѓани се револтираа и поради изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека по изборите градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го исчистат градот за 72 часа. Граѓаните бараат тоа да се направи веднаш, без чекање на изборите.

„Овој искрен граѓански протест го поддржувам и сметам дека со право протестирате зошто и мене ми пречи тоа што на вас ви пречи“, рече Митески, додавајќи дека не сака протестот да биде злоупотребен за политички цели.

Побараа итни мерки, пред избори. Митески ги повика утре наутро во исто време, 7.30 часот, да се соберат на истото место, за заедно да отидат до Вардариште, да ја видат состојбата. Рече дека таму има постојан надзор од агенција за обезбедување, дека дрон на МВР надлетува над депонијата со цел да забележи чад или ако некој се обиде повторно да одложува отпад. Но, вели дека Врадариште е долгогодишен проблем, што не може да се реши одеднаш. Повтори дека мапирале оти на депонијата живеат околу 200 луѓе, од кои половината малолетници, кои не сакаат да заминат од таму.

Тоа предизвика револт кај насобраните, кои му кажаа дека државата мора да најде решение за тие луѓе, мора да им додели документи за идентификација, а ако сака може и да ги смести во напуштени објекти, кои сега се нефункционални, како бројните одморалишта кои ги има низ Македонија или да им се најде некое соодветно место. 

Ноќе во Вардариште доаѓаат со камиони и фрлаат градежен шут, стар мебел, апарати за домаќинство. Тоа никој не го спречува
(Фото: Б. Грданоски)

Го повикаа градоначалникот секој ден да доаѓа и заедно со нив да протестира, а неговите тврдења дека во протестот се инфилтитрани луѓе од други партии, наидоа на неодобрување кај луѓето. Му порачаа дека тука се во знак на борба против инертноста на институциите, кои само ветуваат дека нешто ќе направат во иднина, но таа иднина никако да дојде. На неговата молба „да не мешаме политика“, граѓаните еднодушно рекоа „ова е политика! Но, да не мешаме партии!“. Побараа од Митески да се извини што ги прозвале оние од ДУИ, како единствено виновни за честите пожари во речиси сите депонии околу градот. Но, тој тоа не го направи. Се извини само ако бил погрешно разбран кога рекол дека протестот поприма политичка насока.

Митески рече дека во општината нема стигнато барање од „Стоп за Вардариште“, на што му беше укажано дека го има и на меил и дека е доставено на писмено во општината, а тие треба да си ја завршат работата.

За иронијата да биде поголема, додека граѓаните разговараа со градоначалникот за проблемот со Вардариште, а крстосницата ја обезбедуваа полицајци, по тротоарот кај паркот „Авионче“, помина троколка со натоварен шкаф, за кој треба да се запрашаме каде ќе заврши. 

Митески вети дека утре заедно со сите кои утре ќе се соберат на протест ќе замине на Вардариште, а потоа со велосипед се упати кон канцелариите на општината на еден километар од местото на протестот. 

Од Иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат институциите да започнат процес за конечно затворање на депонијата и да се санкционираат сите кои предизвикуваат загадување со потпалување пожари. Исто така, тие бараат ригорозни мерки против сите кои продолжуваат да фрлаат отпад во Вардариште.

Барањата се доставени до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Владата, Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјални политики, Град Скопје, како и општините Гази Баба и Аеродром. До овој момент, институциите не дале одговор.