На туристите во Атина не им пречат високите температури – Акропол и денеска затворен од 13 до 17 часот (Фото)


Опремени со шапки, чадори, шишиња со вода и освежителни пијалаци, со удобна облека и креми за заштита од сонцето, туристите во Атина и покрај топлотниот бран, во голем број претпладнево го посетија Акропол, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, голем број од нив велат дека високите температури воопшто не им пречат.

Грција од неделата ја зафати топлотен бран што кулминира денеска со температури и до 41-42 степени во одредени делови на земјата, а надлежните презедоа низа мерки.

Во Атина претпладнево температурата беше нешто под 40 степени Целзиусови, а исто како и вчера Археолошката управа одлучи Акропол четири часа да биде затворен, односно во периодот од 13 до 17 часот за заштита на безбедноста на вработените и посетителите.

Паралелно, волонтери од Црвениот крст се во близина на билетарницата, делејќи им вода и информативни летоци на туристите, но и прва помош долку е потребно, активности што редовно ги спроведуваат при високи температури.

Туристите, од разни земји, некои од потопли, некои и од поладни краишта, сите, акцентот го ставаат на Акропол, на нивниот одмор и престојот во Атина и Грција, занемарувајќи ги високите температури.

– Многу е убаво. Кај нас е сега ладно, така што воопшто не ни пречи. Летни температури, топло време. Одлично е, велат млади девојки од Јужна Африка кои се на неколку дена во Атина, додека пешачат кон Акропол.

Кај нив, пред да дојдат, температурата била околу 12 степени.

Со сличен став е и брачна двојка од Австрија. На шега велат дека на враќање кон дома ќе треба да си земат јакни, бидејќи ќе ги пречекаат температури околу 15 степени.

Акропол одлучиле да го посетат рано наутро, иако велат дека не им изгледа толку топло, со оглед на тоа што има и ветер.

– Во Атина сме кусо, потоа одиме до Делфи, Метеора, па се враќаме на Пелопонез каде што сме сместени. Да, топло е, но Акропол ни беше главен приоритет овде, така што дојдовме пред 10 часот, велат туристите од Австрија.

Неколкумина млади од Словенија, во Атина се во рамките на нивниот одмор во Грција. И тие рано утрово го посетиле Акропол, не криејќи дека било особено жешко, но и дека биле подготвени.

Акропол и денеска ќе затвори на четири часа и токму затоа голем беше бројот на туристи кои чекаа во огромна редица за да успеат да влезат пред 13 часот.

– Сега дојдовме, но на билетарницата нè информираа дека ќе затвори. Не знаевме дека затвора поради високите температури. Сега веројатно ќе прошетаме па ќе се вратиме по 17 часот, вели за МИА туристка од Нов Зеланд.

Оние кои купиле билети за периодот од 13 до 17 часот, како што објаснија надлежните, можат да ги искористат попладне, кога повторно ќе биде отворен Акропол.

Црвениот крст подели 5.000 шишиња ладна вода

Од рано утрово, волонтери од Црвениот крст се пред една од билетарите на Акропол за помош доколку е потребно, но и за бесплатно да им поделат ладна вода на туристите, а директорот за комуникации Константинос Гаврилидис во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека нивната активност е во рамките на изготвениот комплетен план на Црвениот крст за справување со високите температури во земјата.

– Овде на Акропол сме од рано утрово, од отворањето и поделивме 5.000 флаширани шишиња со ладна вода за сите посетители, како и летоци со информативен материјал за топлотни удари и справување со последиците од топлотниот бран на англиски јазик за да се информираат туристите, а пружаме и прва помош. Овие денови има многу случаи поради високите температури, односно топлотни удари, губење свест, повреди и слично, објаснува Гаврилидис.

Во текот на вчерашниот ден интервенирале во околу 35 случаи за помош на посетителите на Акропол. 

Директорот за комуникации во Црвениот крст, дополнително посочи дека и во текот на утрешниот ден ќе продолжат со нивните активности, но овојпат во центарот на Атина, а паралелно предвидени се и мерки за помош на бездомните лица. 

Мерки за заштита на работниците од високите температури

Министерството за труд на Грција и за денеска, како и во изминатите денови воведе задолжителен прекин на работата во периодот меѓу 12 и 17 часот за работниците на технички и градежни проекти, на градилишта, бродоградилишта, како и на доставувачите со мотори или велосипеди, а се однесува на повеќе делови на земјата, со цел работниците да се заштитат од високите температури.

Општина Атина, како и речиси сите други атински општини, од понеделникот отворија климатизирани простории за сите граѓани.