„На точак“ со реакција за „Ленинова“: Мал простор за пешаци и бехатонска подлога за велосипедска патека?

Од иницијативата „На точак“ реагираат дека е оставен мал простор за пешаците на улицата „Ленинова“ во Центар, но и дека се поставува бехатонска подлога за велосипедска патека.
– Деновиве се поставува подлогата при реконструкцијата на ул. „Ленинова“ во Општина Центар. Бидејќи планот за оваа улица не беше јавно споделен, сите погодуваме каков ќе биде крајниот изглед. Од сликата може да претпоставиме дека десните сиви бехатонки ќе бидат пешачка патека, црвените, велосипедска патека, земјениот средишен дел ќе биде појас за зеленило, улично осветлување (се надеваме и канти за ѓубре, клупи и сл), па дрворед и места за паралелно паркирање, реагираат од „На точак“.
Прво, велат оттаму, сето ова треба да биде презентирано пред да се почне со реконструкција за да им се остави простор на граѓаните да дадат забелешки.
– Понатаму, бехатонска подлога за велосипедска патека? Сериозно? Па овој тип на подлоги за вело инфраструктура во Скопје престанаа да се користат одамна. Исклучително е важно однапред да се комуницира со јавноста, велат од „На точак“.