На „Струшките вечери на поезијата“ промовирана поезијата на Адам Хоровиц и Алекси Берно


Поезијата на странските поети Адам Хоровиц и Алекси Берно денеска беше промовирана во рамки на „Струшките вечери на поезијата“. Хоровиц и Берно се преведени на македонски јазик и книгите им се објавени како дел од проектот „Версополис“, соопштија организаторите на Струшките вечери на поезијата.

ОД СВП информираат дека идејата на „Версополис“ е преку мрежа од фестивали, поточно 11 големи и значајни фестивали, меѓу кои е и СВП, поетската реч да патува и надвор од матичните земји на поетите, надвор од утврдените канони на познати и признати авторски имиња, славејќи ја разноликоста и оригиналноста и создавајќи мост меѓу поединците и заедниците. 

– Поезијата е високо индивидуализиран израз на човековиот дух кој ја велича разноликоста и оригиналноста, создава мост помеѓу поединците и заедниците. Европската идеја која се темели на почитувањето на индивидуалноста и истовремено се стреми кон квалитетен соживот на сите поединци, треба да ја препознае во поезијата метафората и збирот на сите нејзините напори.  Одлични млади поети пишуваат песни на секој јазик, но честопати се непознати надвор од границите на јазикот во кој го пишуваат. Целта на Версополис е да го смени ова, создавајќи уникатна платформа ширум Европа која им дава можност на новите европски поети да станат меѓународни поетски ѕвезди, истакна модераторката Александра Јуруковска. 

Хоровиц е британски поет, изведувач и уредник. Тој има објавено три збирки поезија „Вртење“ (Хедланд, 2011), „Почвата никогаш не спие“ (Палвел, 2018) и „Љубов и други бајки“ (Индиго Дримс, 2021): мемоар, „Илјада Лори Лии“ (Хистори Прес, 2014), како и диск со поезија и музика со наслов „Мал Метрополис“ (2015). Тој бил копрезентер на „Илјада мрморења“, поткаст што ја слави поезијата и музиката на Џон Клер, а се појавува и на албумот за поезија и музика од Серис Мејтус со наслов „Доаѓаме од сонцето“ (Дека, 2021)

Берно е роден 1977 година во Париз. Тој е поет, преведувач, музичар и уредник. Ја предводи колекцијата со збирки раскази „Минијатури“ кај издавачите „Magellan & Cie“. Неговата поезија е објавена во Франција и во странство. Автор е на збирките „Во забранетото утро“ (2012) и „Огледало во срцето на огнот“ (2020). Ги има преведено американските поети Џек Хиршман, Сем Хамил, Ијан Бојден и Марго Бердешевски, канадскиот поет Роберт Брингхарст и тринидадскиот романсиер Ерл Лавлејс.

„Струшките вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најголеми фестивали во ова европско семејство силно секоја година традиционално организира настани на кои ги претставува поетите и изданијата од „Версополис“.