На скринингот досега откриени шест ученици со Ковид-19 од 1.323 тестирани
Од 1.323 основци и средношколци досега опфатени со скринингот за откривање Ковид-19 во училиштата, вирусот бил потврден кај шест ученици во основното образование, а 1.317 ученици биле негативни на тестот.
Тестирани се 725 основци од прво до деветто одделение и 598 средношколци од подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид,
Министерството за здравство соопшти дека ги објавува досега обработените податоци за првите денови од скринингот, кои ги прават центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава. Тие постапуваат согласно донесениот Алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот.
– За поголем дел од центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица. По обработката на податоците Министерството за здравство ќе ја објави целосната анлиза со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот Ковид-19 меѓу учениците во училиштата, наведува Министерството за здравство.