На штедачите во Еуростандард банка ќе им се минусираат кредитите пред да ги добијат парите
Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката, соопшти Фондот за осигурување депозити
Граѓаните кои што имаат заштеди во Еуростандард банка, а кои во исто време имаат и обврски кон банката по разни основи, како кредити на пример, при исплатата на средствата од Фондот за осигурување депозити нема да ја добијат целата заштеда (или најмногу 30 илјади евра во денарска противредност по лице) туку намалена за износот на обврските. Тоа значи дека оние чии кредити се поголеми од штедниот влог не само што нема да добијат ништо, туку ќе треба да враќаат пари на банката.
Ова произлегува од соопштението од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во кое меѓу другото се вели дека предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година.
„Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката“, појаснуваат од ФОД.
Во случај на потрошувачки кредит на помал износ, веројатно нема да биде голем проблем за граѓаните – тоа може да се премости со земање кредит или рефинансирање од друга банка, но што ако обврската е станбен кредит чија отплата е 15-20 години?
Според досегашната практика, со влегување на банка во стечај сите побарувања што ги има банката стануваат доспеани, па така и овие кредити. Меѓутоа, од судската практика произлегува дека оние граѓани кои обжалиле ваква одлука на стечајниот судија, судот пресудувал во корист на граѓаните корисници на кредити. Друга можност која ја посочуваат банкарите е преземање односно рефинансирање на обврските на корисниците на станбените кредити.
Од Македонската банкарска асоцијација веќе соопштија дека во рамките на можностите сите банки и штедилници максимално ќе се заложат да одговорат на потребите и барањата на сите физички и правни лица коишто биле клиенти на Еуростандард банка, со цел тие да продолжат непречено да ги користат банкарските услуги и производи.
„Сите банки и штедилници се на располагање за да обезбедат брза, квалитетна и ефикасна банкарска услуга, како во однос на отворањето сметки, така и за обезбедување производи за штедење или пак доколку е потребно за рефинансирање на обврските по основ на кредитни производи на клиентите на Еуростандард банка кои редовно ги подмирувале своите кредитни обврски“, велат од МБА.
Инаку, како што појаснуваат од Фондот за осигурување депозити, роковите во кои треба да почне исплата на штедачите веќе течат, што значи дека периодот од 20 дена почна со денот на донесување на решението на Народната банка со која се одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка, односно на 12 август годинава. Барањето за отворање стечајна постапка за банката е веќе доставено до судот, кој според законските прописи треба во рок од три дена да назначи стечаен управник, кој пак, до Народната банка ќе ги достави сите пречистени списоци за побарувањата и обврските на одделните клиенти на Еуростандард банка, што значи за штедните влогови и за кредитите на граѓаните. Ваквиот список потоа оди до Фондот за осигурување на депозити, кој ја организира испатата за штедачите.
Како што појаснија од Фондот исплатата ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи. Фондот ќе ги извести депонентите-физички лица за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето и за називот на банката/банките преку која/кои ќе се врши исплатата на депозитите.
„Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година“, соопштија од ФОД.
Од таму појаснуват дека под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката.
По правило, штедачите треба да добијат потврда за своите побарувања од Еуростандард банка. Но, како што дознаваме неофицијално во Народната банка и во Фондот за осигурување депозити се прават максимални напори целата постапка да се поедностави, имајќи ги предвид околностите со пандемијата од Ковид- 19 со цел граѓаните да не се доведуваат во ситуација да чекаат пред шалтерите.
За таа цел, се разгледуваат различни можности, како на пример, известување по меил или на друг начин, или преку соопштение кои штедачи (на пример според презимето) кој ден и каде треба да се упатат да ги подигнат нивните средства.
Она што е новина, појаснуваат од Народната банка и од Фондот, е што сега нема ограничување до кога може да се подигнат овие средства. Порано тој рок беше ограничен на три години, но такви ограничувања веќе нема.
Ова е особено значајно за штедачите на Еуростандард банка кои се на пример во странство и кои поради ситуацијата со корона вирусот не сакаат или не можат да дојдат во земјава. Од двете институции потенцираат дека побарувањата на граѓаните не застаруваат и тие слободно може да располагаат со нивните средства кога ќе бидат во можност да ги подигнат, или да ги стават на сметка во некоја друга банка.
Инаку, Фондот за осигурување депозити има отворено и две телефонски линии на кои граѓаните кои ги користеле услугите на Еуростандард банка може да се обратат секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот на за дополнителни информации.
Телефоните се 02/ 3235-730 и 02/3235-735, а исто така, информации може да се побараат и преку електронска пошта на е-адресата: [email protected], појаснуваат од Фондот за осигурување на депозити. (М.Ј.)