На секој концерт го носам со себе Оливер, рече Нина Бадриќ во Филхармонија


Хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ (1972, Загреб), по толку приватни родендени низ Македонија и гала журки на отворено и затворено, синоќа, го одржа првиот солистички концерт во Скопје, во организација на „Евентум продукција“ . Гала, во интимен амбиент во Филхармонија, облечена во свечена долга тоалета и со кратка коса.

Ја изненади дотераната публика, претежно дами од сите генерации, со стари хитови и нови песни во побрз ритам, иако, како што рече таа, тие ги очекувале нејзините балади. Харизматична, со моќен вокал, и смисла за хумор, два часа, ја креваше публиката на нозе, која пееше во хор со неа, но и соло. Таа, возбудена од топлиот и еуфоричен прием, исто така, цупкаше и играше на сцена.

„Следниот пат ќе облечам фин костум, а јас, демек, се облеков во долга тоалета за во Филхармонија, се пошегува, синоќа, хрватската поп-ѕвезда,  која е на регионалната музичка сцена од 1996 и има издадено 10 албуми.

Бадриќ ги испеа сите хитови што публиката ги сакаше, од  „Такви као ти“, преку „Чаробно јутро“ до  „Дани и године“ или „Нек ти буде као мени“, „Да се опет теби вратим“…, неколку преработки од омилените песни од Оливер Драгојевиќ, кои по неговата смрт, постојано ги исполнува на концертите, синоќа, „Скалинада“,  но и преработка на „Странец во ноќта“ на Масимо Савиќ. 

„Вашата љубов ме лечи, поради неа сум жива. Скопје би требало да се препишува на рецепт, да се конзумира еднаш месечно“, изјави, вчера, ѕвездата, која се расплака на едниот од двата биса, откако ја исполни македонската народна песна  „Не кажувај либе добра ноќ“. Бадриќ првпат ја испеа преработката на македонската народна песна со Диран, Гаро и Гарабет Тавитјан на албумот „Македонското срце чука во 7/8“ во 2012.

Л. Сабит

Фото: „Евентум продукција“