На роботот „Инсајт“ на Марс „му е ладно“


Слетувачот „Инсајт Марс“ на НАСА е во големи проблеми затоа што „го убива“ студот на соседната „Црвената Планета“. Роботското летало од 800 милиони долари слета на местото Елисиум Планитија во 2018 година и доосега забележа над 500 земјотреси на Марс, како и 10.000 песочни бури. Благодарение на него, почнаа поподробни истражувања за јадрото на оваа планета. Сепак, неговата мисија би можела да заврши поради суровото и студено време на Марс. Уредот сега е во хибернација, бидејќи инженерите на НАСА се обидуваат да го продолжат неговиот животен век.

Местото каде што слетувачот се наоѓа не е изложено на силни ветровити налети, како на пр., кај роверот „Упорност“. Овие ветрови ја отстрануваат прашината од соларните панели на роботите на НАСА, така што без ветер, правот се таложи и тој слој ја блокира Сончевата светлина. Така, на „Инсајт“ „му студи“, буквално.

Сепак, има надеж затоа што прекинувањето на научните операции заштедува енергија, па роботот може  да ги загрева своите системи и да ги преживее „смртоносните студени ноќи“ на Марс од минус 90 Целзиусови степени. НАСА се надева дека ќе може да го оживее, особено ако е „мирен“ доволно долго време.

Инженерите планираат да продолжат со операциите со почвата, кога Марс ќе биде поблизу до Сонцето во јули. Доколку ја преживее зимата на Марс, слетувачот може и натаму да ги следи земјотресите и да го проучува времето и следната 2022 година. Дополнителна опасност во оваа состојба е можноста од ненадејна песочна бура следните 4-5 месеци кога може да се собере повеќе прав на соларните панели. Според првичните претпоставки, тој период не би требало да е сезона на бури.