На првиот крак на Халкидики продолжува отстранувањето на недозволено поставени чадори и опрема за на плажа

Општина Касандра, на првиот крак на Халкидики вчера и денеска продолжи со вонредните и ненајавени акции за отстранување на нелегално поставените чадори, столици, лежалки, пешкири и слична опрема на плажите, јави дописничката на МИА од Атина.
Од општината информираа дека денешната обемна акција била спроведена во присуство на грчката полиција на подрачјето од Криопиги – Касандра Палас до Полихроно, во рамките на Полихроно и кон Ханиоти, а по контролите спроведени во текот на вечерта, откако биле поднесени соодветни пријави.
При акцијата биле откриени бетонски чадори и други фиксни конструкции, кои биле отстранети.
– За време на операцијата, беа отстранети над 2 тони инертни материјали, кои беа префрлени во сертифицирани капацитети за рециклирање, соопштија од општина Касандра.
Отстранување на незаконски поставената опрема на плажите имаше и во текот на вчерашниот ден во Посиди и на плажата Агиопелагитика, каде што, како што информираа од општината, било забележано значително намалување на појавата и регистрирани минимални прекршувања.
Според нив, ова се должи на акциите, но и на информирањето на граѓаните преку соопштенија и преку социјалните мрежи.
Минатата седмица, како што објави МИА, од општина Касандра преку соопштение и преку објава на социјалните мрежи на три јазици: англиски, германски и српски, најавија интензивирање на контролите за отстранување на предмети што нелегално го зафаќаат јавниот и слободен простор на плажите, по што следеше и операција на плажите во Полихроно и Калитеа, од каде што беа отстранети незаконски поставените чадори за сонце, лежалки, пешкири и други слични предмети.
Конфискуваните предмети не им се враќаат на сопствениците и се носат во единицата за рециклирање.
Вакви контроли со цел да се заштитат плажите и животната средина и да се обезбеди слободен пристап за сите имаше и во изминатите години, а се очекува да продолжат и во иднина, без претходна најава или предупредување.